Претседателот Иванов се сретна со Генералниот Секретар на ОН, Бан Ки-мун

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк оствари средба со Генералниот Секретар на Обединетите Нации,  Бан Ки-мун.

„Чест и привилегија беше можноста да соработувам со Вас изминатите години, Вие сте еден од највидливите и најактивните лидери”, истакна Бан за Претседателот на Република Македонија поздравувајќи го лидерството на Иванов на теми од важност за Обединетите нации како климатските промени, Алијансата на цивилизациите, одржливиот развој, мигрантската криза.

На средбата беа разменети мислења за актуелните предизвици со кои се соочуваат Обединетите Нации, состојбите во Република Македонија и регионот, како и за разликата околу името и процесот што се води во рамки на Обединетите Нации.

Претседателот Иванов ја поздрави иницијативата за одржување на состанок на високо ниво на Генералното Собрание на Обединетите нации за големите движења на бегалци и мигранти, прашања, што според претседателот Иванов, бараат заеднички пристап и координирана акција.

Претседателот Иванов и Генералниот Секретар Бан разменија мислења за состојбите во Македонија и во регионот на југоисточна Европа, особено во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Во однос на разликата за името, претседателот Иванов ја истакна подготвеноста на Република Македонија за конструктивно учество во процесот што се води под Обединетите нации, во рамки на меѓународното право, Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

‎Претседателот Иванов ги поздрави зачестените контакти како и мерките за градење доверба кои треба да се прошируваат. „Со дијалогот и со мерките се создава позитивен амбиент кој помага за враќање на довербата и подобро разбирање”, истакна претседателот Иванов.

На крајот од неговиот втор мандат како Генерален Секретар на ОН, претседателот Иванов го пофали лидерството на Бан Ки-мун и неговата посветеност на основните вредности на Обединетите нации и му посака успех во неговите идни ангажмани.