Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими висока воена делегација на Арапската Република Египет.
На средбата беа разменети мислења и информации околу можностите за унапредување на меѓуармиската соработка, особено во сферата на одбраната, како и за безбедносната состојба со осврт на предизвиците коишто произлегуваат од мигрантската и бегалската криза.
Претседателот Иванов изрази задоволство од позитивната динамика во билатералната соработка и од продолжувањето на интензивниот дијалог меѓу Република Македонија и Египет во последниов период, со кои дополнително се унапредува пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување меѓу двете држави.
Соговорниците разменија мислења и за борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, при што се согласија дека е неопходно да се продлабочи соработката на безбедносните служби на двете земји, со цел соочување со глобалните предизвици.
Во тој контекст, македонскиот претседател уште еднаш ја истакна поддршката во борбата против тероризмот која Република Македонија во неколку наврати ја добила од Египет, како земја лидер и гарант на стабилноста во регионот на Северна Африка.
Претседателот Иванов и воената делегација од Египет ја констатираа потребата од интензивирање на соработката меѓу двете армии, преку воспоставување на поголема динамика во областа на одбраната, како заеднички интерес и фокус на дејствување на двете држави.