Започна стручниот собир „Сите заедно за здравје за секого до 2020“

Во организација на Министерството за здравство и канцеларијата на Светската здравствена организација, синоќа во хотелот „ Метропол“ започна стручниот собир „Сите заедно за здравје за секого до 2020“ . На почетокот на собирот, во името на градот домаќин, се обрати председателката на Советот на општина Охрид , Гордана Коњановска.

„Гледајќи ја програмата за работа, тематските области кои ќе се обработуваат и бројноста на сесиите на работните групи, можам само да упатам искрени честитики до организаторите за напорната работа во композицијата на овој несомнено важен настан за донесување на Националната стратегија „Заедно за здравјето на сите“. Тоа е исклучително важен документ, во која ќе влезат и содржини од овој собир кој го организираат Министерството за здраство и канцеларијата на Светската здраствена организација во Република Македонија. Посебно радува фактот што интензивно се вклучуваме во Европската рамковна политика за здравје и благосостојба на Светската здравствена организација.Таа има за цел да ги поддржи активностите на владино и општествено ниво насочени кон „значително подобрување на здравјето и добросостојбата на населението, намалување на здравствените нееднаквости, зајакнување на јавното здравје и обезбедување универзални, правични, одржливи и висококвалитетни здравствени системи“– рече Коњановска.

Во овој процес, како што беше речено на собирот, покрај лекарите и стручните заедници, ќе се вклучат граѓанските заедници и пошироката јавност, а важно е што дел од овој проект е и зајакнувањето на интерсекторската соработка на локално ниво.