Народна банка предупредува за ризиците поврзани со ONECOIN и останатите „дигитални“ (крипто) валути

По добиени информации за постоење на дигитална (крипто) валута ONECOIN во која инвестираат и граѓаните на Република Македонија, Народната банка изврши анализа на оваа дигитална валута, како и начинот на кој се вршени трансакциите за нејзиното купување.

Со денешното соопштение, Народната банка сака да укаже на постојната законска регулатива поврзана со овој вид трансакции, но и високите ризици кои ги носи инвестирањето, чувањето и разменувањето на оваа дигитална (крипто) валута.

Народна банка ја информира јавноста дека, во изминатиот период, повеќе странски регулаторни тела издадоа слични соопштенија за оваа дигитална валута.

Согласно со Законот за девизното работење, отворањето односно имањето сметки во странство е пропишано со посебна одлука донесена од Народната банка на Република Македонија. Резидентите (правни или физички лица) на РМ не можат да отворат, односно да имаат сметка во странство, ниту да чуваат парични средства на тие сметки, освен под посебни услови, како на пример врз основа на регулиран престој во странство подолго од три месеци или добиена работна виза во странство, како и други услови пропишани во наведената одлука. Исто така, вложувањето на резидентите во хартии од вредност во странство, како и вложувањето во деривативни финансиски инструменти чија цена директно или индиректно зависи од цената на хартијата од вредност, странската валута, берзанскиот производ или висината на каматната стапка, не е дозволено, освен за одредени исклучоци пропишани во законот.

Оттука, купувањето, односно инвестирањето од страна на резидентите физички лица во дигитални (крипто) валути, според регулативата во Република Македонија, не е дозволено.

Анализата на Народната банка покажа дека граѓаните иницираат трансфери во странство при вложување во дигиталната (крипто) валута ONECOIN, и тие најчесто не се извршуваат во корист на нивна сметка во странска банка (сам на себе), туку кон некое странско правно лице коешто ја дава таа услуга за издавање или чување на дигитални крипто валути. Налогодавач е физичко лице кое уплатува парични средства на нерезидент правно лице врз основа на школување, обука или набавка на книги, брошури, друга литература и слично. Доколку самата банка, на било кој начин, добила сознание дека при таквото плаќање се работи за вложување во дигитални (крипто) валути или депозити, таа треба да го одбие извршувањето на трансакциите.

Во однос купувањето, чувањето или разменувањето на сите дигитални (крипто) валути, Народна банка ја информира јавноста за следните ризици:

1. Може да имате реална загуба на парите кои сте ги вложиле. За да купите дигитални (крипто) валути треба да имате пристап до платформа, односно софтверска апликација на која се разменуваат овие валути. Овие платформи најчесто се нерегулирани и интерните правила на создавачот на платформата се предмет на чести измени. Има голем број случаи кога овие платформи запреле со работа, без никаква најава. Клиентите треба да бидат свесни дека овие софтверски платформи не се банки, и дека не постои правна заштита за средствата кои ги вложуваат преку нив. Доколку платформата престане со работа, не постои механизам во кој клиентите ќе бидат обештетени, како што е тоа случај со средствата вложени во банка која има дозвола за основање и работење издадена од гувернерот на Народната банка.

2. Вашите дигитални пари може да бидат украдени. Во моментот кога ќе купите дигитални (крипто) валути, тие се сместени во т.н. дигитален паричник на вашиот компјутер, лаптоп и/или паметен телефон. Дигиталните паричници имаат дигитални клучеви или лозинка која овозможува пристап до нив. Доколку ја изгубите лозинката или клучот за пристап до вашиот дигитален паричник вашите средства се неповратно изгубени. Не постои централизирано место во кое се сместени лозинките или можноста да се измени лозинката со нова за да се пристапи до истиот дигитален паричник. Дигиталните паричници се најчеста мета на напади на хакери. Регистрирани се голем број случаи кога клиенти изгубиле значителни финансиски средства на ваквите платформи, без шанси за нивно враќање.

3. Вредноста на вашите дигитални (крипто) валути може многу брзо да се намали, дури и да падне на нула. Цената на bitcoin и на останатите дигитални (крипто) валути брзо се издигна, поради рапидно инвестирање на голем број клиенти. Пазарот на овие валути е нестабилен, и нивната вредност се менува генерално врз основа на побарувачката за нив. Доколку опадне популарноста на одредена дигитална (крипто) валута и нејзината вредност може лесно да се измени или да падне на нула. Доколку се генерираат повеќе дигитални (крипто) валути отколку што се потребни, може да се случи клиeнтите да имааат повеќе дигитални средства во дигиталниот паричник, но тие да вредат помалку во реалниот живот.

4. Трансакциите поврзани со дигиталните (крипто) валути може да се користат при криминални активности, вклучувајќи го и перењето пари. Трансакциите со виртуeлните (крипто) валути се јавни, меѓутоа налогодавачот и примачот на парите се анонимни. Тие им нудат на клиентите голем степен на анонимност, но најчесто трансакциите не може да се следат. Затоа токму овие мрежи на дигитални (крипто) валути најчесто и се користат за трансакции поврзани со криминални активности, перење пари и финансирање на тероризам. Доколку се појави сомневање дека одредена платформа се користи за вакви активности, државните органи според своите законски овластувања, може да ја блокираат платформата и да ги замрзнат сите средства на сите корисници.