Обраќање на претседателот Иванов по повод доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“

Обраќање на претседателот Иванов по повод доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“

„Почитуван заменик-министер за образование и наука,

Почитувани претставници на Сити колеџот,

Почитувани стипендисти,

Дами и господа,

Пред 25 години, Република Македонија прогласи независност. Но, во меѓународните односи, независноста на една држава всушност значи меѓузависност и поврзаност со другите држави, и тоа врз рамноправна основа. Во изминатиот четврт век, ние успеавме да изградиме такви односи со многу пријателски држави во светот, и блиски и далечни. Исклучок од тоа правило е само една држава, со која ја делиме најголемата река и најдолгата граница, а со тоа и најголемата просторна поврзаност и меѓузависност, а тоа е Република Грција.

Нашите две соседни држави имаат едно отворено прашање, но илјадници заеднички интереси. Притоа, врвен заеднички интерес е продлабочување на пријателството меѓу македонското и грчкото општество.

Годинава, институциите на Република Македонија и Република Грција спроведуваат мерки за градење доверба. Како претседател и јас сум активно вклучен во тој процес. Но, можам да забележам дека некои од институциите на нашите држави, всушност, заостануваат зад нашите општества и стопанственици, кои одамна го започнаа дијалогот и ја изградија довербата.

Еден израз на таа доверба се и стипендиите што ги доделуваме во соработка со Сити колеџот од Солун. Стипендии кои неслучајно го носат името на нашиот голем миротворец, претседателот Борис Трајковски.

Нема поисплатлива инвестиција од квалитетно образование насочено кон градење лидери за сегашноста и за иднината. На Република Македонија ѝ се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите.

Многумина се пријавија на овој конкурс. Но, малкумина беа избрани. Вие сте најдобрите од најдобрите. Инвестираме во вас со цврсто уверување дека ќе бидете добри претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството. Вашите идни успеси ќе бидат и успех на Република Македонија.

Почитувани стипендисти,

По некоја случајност, денес, е роденден на Конфуциј. Во своите Аналекти тој вели: „каде и да одиш, оди со сето срце”. Во наредниот период, патот на вашето образование и лична надградба ќе ве води во Солун. Како претседател и универзитетски професор, ви посакувам многу успех на тој пат. Но, притоа ве потсетувам да не заборавите дека „образованието на умот без образованието на срцето не е вистинско образование”, како што вели Аристотел. Во наредниот период, вие ќе бидете слика на македонското општество во соседна Грција. Вие ѝ припаѓате на генерацијата што ќе ги гради новите односи меѓу двете општества, економии и држави.

Затоа, стекнувајте и нови знаења, но и нови пријатели, нови вештини, но и нови можности за градење доверба меѓу нашите две соседни држави.“ – рече Иванов.

stipendii2