Новоименуваните амбасадори на Француската Република, на Република Словенија и на Кралството Белгија ги предадоа акредитивните писма

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Француската Република, на Република Словенија и на Кралството Белгија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Македонија, Н.Е. г. Кристијан Тимоније, беше изразено задоволство од досегашниот развој на меѓусебната соработка меѓу Француската Република и Република Македонија, кои се резултат на заеднички напори, при што се воспоставија динамични политички односи, како и односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување.

Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија во Француската Република гледа голем пријател и искрен сојузник во реализацијата на стратешките цели, како и партнер во сферата на безбедноста и соочувањето на актуелните предизвици. Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека е значајна поддршката која Француската Република ѝ ја дава на Република Македонија во процесот на нејзината интеграција во Европската унија и НАТО.

„Во голема мера, постојаните политички кризи во кои се наоѓа Република Македонија се должат и на предолгиот статус кво во интеграциите. За целосно надминување на политичката криза, мое длабоко уверување е дека повторно ни е потребна трансформирачката енергија на интеграциите, кои ја доведоа Македонија да биде земја со исполнети услови за членство во Алијансата, да биде земја спремна да ги отпочне пристапните преговори со Унијата. Неопходен ни е исчекор, следна фаза во интеграциите. На тој план ја очекуваме и се надеваме на поддршката од Франција”, истакна претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Француската Република го поздрави успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји нагласувајќи дека Република Македонија е пријателска земја која и понатаму ќе ја придружуваат на нејзиниот европски пат. Една од тие активности беше и Самитот за земјите од Западен Балкан во Париз кој се одржа во јули годинава.

„Самитот во Париз, кој се одржа годинава во месец јули покажа дека Франција ја поддржува Македонија и ја смета за важен сегмент за стабилноста на овој регион. Нејзините напори за да изгради модерна, демократска и ефикасна армија заслужуваат признание. Ја цениме нејзината спремност за да учествува, во даден момент, во напорите за постигнување на меѓународен мир. Особено ја почитуваме извонредната соработка од областа на безбедноста и опасностите во неизвесниот свет”, нагласи амбасадорот Тимоније.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, Н.Е. д-р Милан Јазбец, претседателот Иванов се заблагодари на досегашната поддршка која Република Словенија ја даде за аспирациите за членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО и изрази уверување дека одличната соработка и заемната поддршка на регионално ниво и на мултилатерален план ќе продолжат со интензивирање во периодот што следи.

„Конструктивниот дијалог е резултат на заедничката волја на двете земји да го одржат позитивниот тренд во билатералната соработка, да дадат свој придонес за стабилноста и безбедноста на нашиот регион, но и за заедничката европска иднина. Убеден сум дека и во периодот што следи, ќе продолжиме со напорите за интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес”, рече претседателот Иванов на свечената церемонија на предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, д-р Милан Јазбец.

Новоименуваниот амбасадор на Република Словенија ја потврди заложбата на неговата земја за унапредување на билатералната соработка, нагласувајќи го конструктивниот дијалог на највисоко ниво, како и продолжувањето со поддршката за европските и евроатланските интеграции на Република Македонија. Во таа насока, амбасадорот Јазбец изрази уверување дека и за време на неговиот мандат како вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Словенија ќе продолжи досегашната динамика на заемната соработка.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Белгија за Република Македонија со седиште во Софија, Н.Е. г. Франсоа Бонтан беше истакнато дека постојат и можности и капацитети кои со интензивирање на политичкиот дијалог ќе придонесат за понатамошно унапредување на севкупните односи меѓу двете земји.

„Фокусот несомнено треба да биде ставен на унапредување и развој на економската соработка, јакнење на трговската размена, како и на соработката на планот на безбедноста. Истовремено, сметам дека резиденцијалното дипломатско присуство на Кралството Белгија во Република Македонија ќе придонесе кон интензивирање на контактите и меѓусебната соработка”, нагласи претседателот Иванов.

Во однос на актуелните предизвици со кои се соочува Европа и светот, како што се мигрантската криза, безбедносните предизвици и борбата против тероризмот и милитантниот радикализам претседателот Иванов и амбасадорот Бонтан ја истакнаа потребата од поинтензивна билатерална соработка, но и подинамична и отворена безбедносна соработка и во светски рамки.

Амбасадорот Бонтан изрази уверување дека во периодот што следи Кралството Белгија ќе продолжи со поддршката на процесот на проширување на Европската унија и НАТО алијансата, во чии рамки е и зачленувањето на Република Македонија.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција.

3_be