Конференција „Управување со безбедноста на патниот сообраќај во Југоисточна Европа – предизвици и насоки за дејствување“

Oбраќање на претседателот Иванов на конференцијата „Управување со безбедноста на патниот сообраќај во Југоисточна Европа – предизвици и насоки за дејствување“

„Живееме во време на брза храна, брзи автомобили и брз живот, кој понекогаш, за жал, бргу завршува. Над 1.200.000 луѓе гинат на патиштата во светот годишно. Меѓу 20 и 50 милиони имаат полесна или потешка повреда како последица на сообраќајна несреќа. Но, од целиот свет, најмалку жртви има во Европа. А во Европа, најмалку жртви има во најразвиените држави на Европската Унија.

Верувам дека секој од вас ќе се согласи дека е неблагодарно жртвите да ги сведуваме на статистика. Сепак, понекогаш, статистиката ни помага да согледаме една правилност. Таа правилност укажува на следното: колку едно општество е поразвиено и колку повеќе се грижи за благосостојбата на своите членови, толку поретки се жртвите од сообраќајни несреќи. Во просек, годишно во Република Македонија меѓу 160 и 170 лица ги губат животите во сообраќајни незгоди. Бројот на повредените е многупати поголем. Тоа се многу предвреме прекинати животи, неискористени можности и неостварени соништа. Тоа е голема загуба за семејствата, за општеството и за државата. Но, со овој предизвик се соочуваат речиси сите држави од регионот на Југоисточна Европа.

Целта што секоја од нашите држави си ја има зададено е бројот на жртви во сообраќајни незгоди да се намали и да се приближи до просекот на Европската Унија. Секако дека состојбата во целиот регион денес би била далеку подобра доколку навреме бевме дел од Унијата. За жал, во изминативе години Европската Унија, која се соочува со големи предизвици, е свртена сама кон себе и нас нè остави сами на себе.

Но, има прашања кои едноставно не можат да чекаат поволно време за почеток на преговорите за членство во Унијата. Едно од нив е прашањето за безбедноста во сообраќајот.

Како претседател на Република Македонија ја прифатив поканата да бидам покровител на оваа прва регионална конференција бидејќи верувам дека вие не чекате на администрацијата во Брисел да го отвори поглавјето и да го постави прашањето за безбедноста во сообраќајот. Верувам дека имате за цел да ја заштитите најголемата вредност од сите, а тоа е човечкиот живот.

Ценети присутни,

Сите знаеме дека секој учесник во сообраќајот има право да биде безбеден и да се движи безбедно. Но, честопати забораваме дека тоа право за безбедност во сообраќајот подразбира и лична одговорност на секој учесник во сообраќајот. А, таа одговорност се изразува преку почитување на законите и на правата на другите учесници во сообраќајот. Со други зборови, безбедноста во сообраќајот зависи од триаголникот на правото, одговорноста и почитувањето. Право кое подразбира одговорност и одговорност која се практикува со почитување.

Ниту една институција, сама по себе, не може да го постигне сево ова. Ниту нови патишта, ниту нови закони, ниту повисоки казни и построги санкции, сами по себе, нема да ја намалат смртноста на патиштата ако истовремено не работиме на развивање на сообраќајната култура. Култура и етика што ќе се градат и пренесуваат преку семејствата, училиштата, автошколите, сè додека не прерасне во општоприфатена општествена навика.

За да го постигнеме сево ова неопходен ни е холистички пристап и затворање на кругот на одговорност за тоа кој, кога и за што е одговорен. Неопходен е еднаков третман на сите пред законите. Потребна е соработка во рамките на системот, ангажирање на јавниот и на приватниот сектор, осигурителните компании, академската заедница, цивилното општество и медиумите, и на регионално, и на државно и на локално ниво. Секоја релевантна институција во секоја од нашите држави може да придонесе за решавање на овој проблем преку споделување на своите искуства и преку отвореност за прифаќање на добрите практики од сродните институции.

Верувам дека оваа конференција за безбедност во сообраќајот ќе го израмни патот за да стигнеме до целта. А целта не е само да го постигнеме европскиот просек. Целта е да не се плашиме кога нашите деца одат во училиште, кога нашите млади се враќаат од забави, кога нашите блиски патуваат. Целта е нашите возачи да не бидат закана за сопствениот и за животите на другите луѓе. Целта е да престане да се лее човечка крв по нашите балкански патишта.

А за да го постигнеме тоа, не треба да чекаме некој друг да нè менува. Мора сами да работиме и да се менуваме на подобро. За еден ден, не толку далечен, нашите држави и нашиот регион да бидат пример за тоа како се гради и одржува безбедноста во сообраќајот. Со таа мисла, на самиот крај, ја прогласувам конференцијата за отворена.“ – истакна Иванов.