Утре (вторник), основните училишта Братство Единство, Климент Охридски, Григор Прличев, Христо Узунов и Наум Охридски од Охрид, кои учествуваа во Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, организираат ОТВОРЕН ДЕН, работилничка презентација на проектните активности. Настанот ќе се одржи во централната училишна зграда на ОУ „Братство Единство“ со почеток во 11 часот.
Настанот е дел од серија на Денови за меѓуетничка интеграција кои ќе се одржат во повеќе општини и ќе ги опфатат типични активности кои што се организирале во училиштата во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, но овој пат со заедничко учество на ученици од различни училишта во една иста општина.
ПМИО е четири годишна иницијатива која соработува со сите релевантни образовни институции поддржувајќи ги напорите на Владата на Република на Македонија во процесот на етничко интегрирање.
Проектот работи на зголемување на разбирањето кај пошироката јавност за придобивките за сите граѓани што ќе произлезат од интегрирањето на образовниот систем во Р. Македонија. Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) работи на создавање на политичка, социјална и економска клима потребна за Македонија да постигне одржлива интеретничка интеграција во училиштата, во останатите образовни институции, па и во целото општество.
Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието го сочинуваат четири комплементарни компоненти:
• Компонента 1: Информирање на јавноста и заедниците
• Компонента 2: Градење на капацитетите на училишното раководство и наставниците
• Компонента 3: Модел училишта
• Компонента 4: Обезбедување стимул за училиштата и за локалните заедници
Во фокусот на проектните активности се учениците, родителите, наставниците, администрацијата и членовите на училишните одбори во сите основни и средни училишта во Р. Македонија. Притоа, советниците од Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обуки и просветните инспектори на државно и регионално ниво имаат централна улога во постигнувањето на одржлива промена во меѓуетничката интеграција во образовниот систем. За остварување на оваа цел потребно е сите заинтересирани учесници од училиштата, заедниците и локалната власт да учествуваат во проектните активности. Успешното спроведување на Проектот ќе создаде средина во која сите страни активно ќе учестуваат во оваа иницијатива.