Со низа свечености се одбележа денот на Општина Дебрца. Чествувањето започна со полагање цвеќе во село Црвена Вода на спомен обележјето на Манифестот на генералштабот на НОВ и ПОМ, потоа во салата на Основното училиште во Белчишта, пред присутните гости, со поздравен говор се обрати Градоначалникот Игор Трајкоски, потоа следеа настапи на учениците од Основното училиште „Дебрца”. На одбележувањето на настанот присутни беа и гостите од пријателската Општина Баточина од Република Србија.
„Почитувани гости, почитувани борци, почитувани пријатели од Општина Баточина, Република Србија, почитувани Дебрчани!
Ми Причинува особено задоволство да Ве поздравам на овој наш Патронен празник, денот на општина Дебрца, Денот на донесувањето на Манифестот на генералштабот на НОВ и ПОМ, трети октомври 1943 година !
Овој ден не е посебен само за Дебрца, туку и за Македонија, бидеjќи тогаш се обединува народот со повик да се вклучи во ослободувањето на својата земја. Дебрца е поим за слободарски дух, за силна желба за самостојност, Дебрца е поим за хероизам и саможртва, за неисцрпна енергија и љубов од сите и кон сите.
Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ од трети октомври 1943 година, во с.Цревна Вода, под височините на Караорман, според својата содржина има програмски карактер за натамошниот развој на антифашистичката борба на македонскиот народ, повикуваќи ги не само Македониците туку и другите етнички заедници кои од секогаш биле дел од овој крај. Човекољубието на оние кои се борат за правда, слобода и неизвесност се гледа токму во тие нивни обиди да не прават разлики, дискриминации и поделби, туку да зближуваат и обединуваат.
Политичкиот комесар Цветко Узуновски, командантот Михајло Апостолоски, членовите на Штабот: Методија Андонов Ченто, Хамди Дема, Страхил Гигов, Венко Марковски, Петре Пирузе – Мајски, Елисие Поповски, Кузман Јосифовски-Питу и Никола Минчев се основоположници и потписници на иницијативата да се обедини војската и народот, да се стави крај на најголемото зло на дваесетиот век-фашизмот. Нивните имиња и денес се светилници според кои пловиме низ морето на осознавање, создревање, самостојност, море некогаш мирно и сино, некогаш матно и разбранувано.
Особено ние, Дебрчани, сме горди на нашето минато, на нашите вечни слободарски идеали со кои и денес чекориме, обидувајќи се да и дадеме нова смисла и нов квалитет на нашата општина, на животот во неа, на обидите нашите поколенија, кои се задоени со вербата во Македонија како единствена роднина, да имаат подобар и посигурен живот. Можеби не успеваме во целост да реализираме некои идеи и желби, заложби и соништа, но имајќи ги во доволен број, трасираме пат кон подобра иднина за нашите деца, за нашата Дебрца.
Уште еднаш сакам да Ви се заблагодарам што со Вашето присуство ја збогативте нашата прослава!“ – рече Трајкоски.