Претседателот Иванов се сретна со Мартин Стропницки, министер за одбрана на Чешката Република

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Мартин Стропницки, министер за одбрана на Чешката Република, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Чешката Република, при што го нагласи континуираниот политички дијалог и плодната соработка во сите сфери од заемен интерес. Македонскиот претседател беше информиран за предлозите за развој на меѓусебната воена соработка и размена на искуство во справување со заканите.

Во тој контекст, претседателот Иванов ги поздрави напорите за проширување на билатералната соработка на полето на одбраната, како и јакнењето на меѓуармиската соработка помеѓу двете земји.

Во однос на македонските стратешки цели, членствата во НАТО и во Европската Унија, македонскиот претседател го истакна значењето на досегашната отворена и принципиелна поддршка која нашата држава ги добива од Чешката Република, и изрази очекување дека истата ќе продолжи и во иднина.

Претседателот Иванов и министерот Стропницки разменија мислења и информации околу развојот и актуелните случувања во однос на мигрантската и бегалската криза, како и за предизвиците поврзани со безбедноста и сигурноста.

Македонскиот претседател се заблагодари за целокупната поддршка и помош која Чешката Република и ја дава на нашата држава во справувањето со мигрантската криза, преку присуство на сили и опрема, со цел поефикасна заштита и надзор на границата и намалување на безбедносните ризици во подрачјето зафатено со криза.

Претседателот Иванов истакна дека во интерес на идната рамка за Европската безбедност е потребна ревизија на законите за идната улога на Армиите во поддршка на цивилните авторитети во справување со мигрантската криза, во заштитата на границите, контратероризмот и природни непогоди и несреќи.

Двајцата соговорници се согласија дека од заеднички интерес е интензивирањето на соработката помеѓу двете армии и безбедносните служби, и воспоставување на поголема динамика во областа на одбраната преку размена на искуства и иницијативи и реализација на заеднички воени вежби и учества во мировни мисии.