Градоначалникот Игор Трајкоски изврши увид врз градежните активности кои се одвиваат во Требеништа, каде започна да се врши Реконструкција на водоводната мрежа во селото. Согласно проектната документација предвидено е да се изгради целосно нова водоводна мрежа, со вкупна должина од 6,5 км, изведена од полиетиленски цефки со дијаметар ф-110мм, ф-90мм и ф-75мм, во моментов изведени се над 2,0 км водоводна мрежа. Реконструкцијата на водоводната мрежа во Требеништа е дел од Проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води” кој го реализира Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски со средства добиени од Европската инвестициска банка. Во Реконструкцијата на водоводната мрежа во Требеништа ќе бидат вложени 5.752.723,00 денари со пресметан ДДВ.
„Проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води“ има за цел подобрување на условите и подигнување на квалитетот на живот, посебно во руралните средини и е дел од политиките на Владата на Република Македонија за рамномерен регионален развој. Неговата реализација значително ќе ги подобри квалитетот, ефикасноста, достапноста и сигурноста во овозможувањето на комунални услуги на населението, со што се дава позитивен импулс за натамошен развој на населените места во кои се рашава проблемот со водоснабдување“. – изјави градоначалникот Трајкоски.
Со реконструкцијата на водоводната мрежа во селото, како и со претходно ново изградениот резервоар за вода за пиење минатата година, трајно се решаваат долгогодишните проблеми на жителите на селото Требеништа со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на живот, како и поефикасно управување со ситемот за водоснабдување.