„Претстојниот 16 Октомври, Светскиот ден на храната го славиме и како ден на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија. Храната претставува едно од најзначајните прашања. Ресурсите на храна на земјата се намалуваат. Популацијата е во пораст, а климатските промени и загадувањето животната средина битно влијаат врз приносите и безбедноста на храната“ – рече директорот на Агенција за храна и ветринарство Зоран Поповски во обрачањето пред присутните на настанот.
Оваа година темата под која се одбележува светскиот ден на храната се однесува на влијанието на климатските промени врз безбедноста на храната и земјоделството, па токму затоа, додаде тој, настанот го одбележуваме под мотото „Блиску до традицијата, поблиску до природата“.
„Сакаме да ја подигнеме тенденцијата кон купување на производи и храна произведени на традиционален начин, храна со повисок квалитет, повкусна, побогата со хранливи материи. Традиционалната храна е поврзана со единствени рецепти на нашите мајки и баби. Традиционално преработената храна е дел од културниот идентитет на нашата заедница.Сакам да упатам порака за заедничко дејствување зазаштита на разновидноста и комплексноста на нашата регионална храна како и одржливоста на нашите рурални заедници.Со такво дејствување ќе ги намалиме штетите кои климатските промени и елементарните непогоди ги нанесуваат на земјоделците и сточарите“ – посочи Поповски.
Агенцијата за храна и ветеринарство заклучи тој, даде поддршка на невладиниот сектор во реализација на информативно едукативни материјали наменети за граѓаните, кои денеска се промовираа пред присутните на овој настан, но исто така ќе се најдат и како прилог во дневното издание на ,,Дневник,, во понеделник на 17 октомври.
„Континуирана е соработката која ја имаме со Агенцијата за храна и ветринарство и со Град Скопје при спроведување на програмите за заштита на потрошувачите на национално и локално ниво. Нашите активности на полето на храната и исхраната се постојани и ги препознаваме како едни од најзначајните. Минатата недела во рамките на „Зелена недела„која се одбележува во целиот свет од страна на организациите на потрошувачи, ние ја објавивме новата веб страна: www.organsisvet.mk, со која сакаме да го истакнеме поволното влијание на органската храна врз нашето здравје и животната средина. Целта ни е органските производи се почесто да се користат. Бараме националната ознака на органските производи да биде повидлива на производите со цел да се попрепознаваод потрошувачите, а бројот на производители на оваа храна во Република Македонија да се зголемува“ – рече Маријана Лончар Велкова во обраќањето.
Интернет страната за правилна исхрана (http://pravilnaishrana.mk) содржи доста важни инфорамции за храната што ја консумираме и начинот на исхрана којштотреба да го практикуваме, додаде таа и објасни дека преголемото количество на масти, шеќери и сол му штети на нашето здравје. Гојазноста е присутна секаде во светот, па поради тоа барањата на организациите на потрошувачи за подобро означување на производите и намалување на овие состојци во истите од страна на производителите е дел од политиките на многу држави, а напори на овој план се прават и кај нас.
„За таа цел ние изработивме и мобилна апликација со која можеме лесно да ги проверуваме етикетите на производите и да видиме дали внесуваме преголемо количество на овие состојки во секојдневната исхрана. И понатаму заедно АХВ планираме да спроведеме едукација и во основните училишта за овие значајни теми во рамки на предметот: „Вештини за живеење„ што ќе доведе до поголема информираност на младите“ – појасни претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија Лончар Велкова.
Како и минатата година и оваа, партнери во одбележувањето на Денот на Агенцијата за храна и ветеронарство и Светскиот ден на храната се дечињата од детскиот хор Златно славејче.