Изложба „Накитот низ вековите од Република Македонија“ во Њујорк

Во Македонскиот културен центар „Gallery MC“ во Њујорк е отворена изложбата „Накитот низ вековите од Република Македонија“ на Археолошкиот музеј на Македонија, на која е презентиран ексклузивен накит од богатото културно наследство на Република Македонија и теракотни фигурини.

Како што соопшти Археолошкиот музеј, презентацијата е надополнета со мултимедијални содржини со кои публиката имаше можност да види и да ја запознае вековната традиција на македонскиот накит, која сведочи за креативноста на старите мајстори и тогашното богатство на секој историски период одделно.

„Присутните, од кои некои првпат, имаа можност да се запознаат со македонската историја и традиција и првпат да видат накит стар илјадници години, кој е дел од големите археолошки истражувања во Република Македонија во последните 70 години и кои претставуваат сведештво за културниот континуитет и идентитет на македонскиот народ. Присутните имаа уникатна можност и лично да испробаат копии од неколку видови антички златен накит и со него да се фотографираат од што посебно беа одушевени“, наведуваат организаторите.

Изложбата на 13 октомври ја отворија директорката на Археолошкиот музеј на Македонија Весела Честоева и директорот на „Gallery MC“ Горазд Поповски. Посетителите во Њујорк ќе може да ја видат до 31 октомври.

На отворањето присуствуваа претставници од Амбасадата на Репубилка Македонија при Обединтите нации, амбасадорот Василе Андоноски, генералниот конзул за Њујорк Горан Трајков, претставници од мисијата на Р. Македонија во ОН, познати уметници од Америка, претставници од дијаспората, како и голем број љубители на уметноста од Њујорк, соопшти синоќа Археолошкиот музеј на Македонија.