Македонскиот игран филм „Златна петорка“ по домашната премиера во Скопје и светската во Лондон, во петок ќе ја има и својата премиера пред охридските гледачи.
Охриѓани филмот ќе може да го погледнат во Центарот за култура „Григор Прличев“, на 21ви октомври (петок), со почеток од 20 часот. Кино проекции ќе има и овој викенд, 22ви и 23 октомври (сабота и недела)
Сценариото за овој македонски филм е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и косценаристите Билјана Гарванлиева и Горан Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
Во дејствието од филмот главен мотив е апсурдниот настан од 1951 година кога свирепо се ликвидирани петмина прогресивни студенти од Струмица. Филмската сторија претставува всушност фикција за една насилно прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Речиси половина век подоцна, преживеаниот Алавантие се враќа во родната земја, отпретувајќи некои нови траги од досието кое УДБА го водела со кодните имиња на студентите.
Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје, а е финансиран од Агенцијата за филм на РМ.
„Реинденс“ е најголемиот британски фестивал за независен филм, негов основач е Елиот Гроув, а е под покровителство на Тери Гилијам, Мајкл Винтерботом и др. познати автори. Својата интернационална промоција филмот „Златна петорка“ ја имаше во познатото кино „Вју“ на Пикадили сиркус во центарот на Лондон, на 29 септември.
Инаку, „Златна петорка“ имаше македонска проекција на 17 септември на свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.