Македонски ајвар, лутеница, макало, полнети гамби со сирење и други конзервирани производи од овошје и зеленчук произведени во Македонија се дел од палетата прехранбени производи што се презентираат на годинашното издание на Саемот „СИАЛ“ во Париз.
Македонските производители од Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук (МАП) на саемот настапуваат под слоганот „Вкусот на Македонија“, а заедничкиот штанд е дизајниран во насока на препознатливост на Македонија како земја со вкусна храна, природни убавини, богата традиција и добра дестинација за започнување и развој на бизниси.
Учеството на македонските производители го организираше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со финансиски средства обезбедени од Владата на Република Македонија преку годишните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Во организацијата на настапот на СИАЛ активно се вклучија и Министерството за надворешни работи и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот преку македонскиот амбасадор во Париз, Габриел Атанасов и економскиот промотор Игор Николов.
„Придобивките од учеството на овој саем се од огромно значење за Република Македонија. Со промоцијата се поттикнува извозот на овие производи со додадена вредност со што директно се влијае позитивно врз економијата, а воедно се афирмира нашата земја на социјален и културен план и тоа под нејзиното уставно име,“ се наведува во соопштението од Министерството за земјоделство.
Саемот ќе трае до четврток, а на него своите производи ги промовираат над седум илјади изложувачи од 104 држави. Покрај традиционалните прехранбени производи кои се произведуваат на ист начин и по ист рецепт кој се пренесувал од генерација на генерација, големо внимание се посветува и на храната произведена со иновирани технологии.