Новиот механизмот за мирно решавање на работни спорови што неодамна беше воспоставен во нашата земја, овозможува побрзо, поефикасно и бесплатно вонсудско решавање на колективните и индивидуалните работни спорови. Од неговото функционирање полза имаат како работнaиците и работодавачите, така и земјата во целина, бидејќи се овозможува социјален мир на работното место, а со тоа и економски раст.
Ова е една од клучните констатации на учесниците на дводневната меѓународна конференција „Мирно решавање на работни спорови“, организирана во Охрид на 18. и 19. октомври 2016, од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ). На конференцијата учествуваа експерти и претставници на релевантни институции од земјава, регионот и Европската Унија. Учесниците дискутираа за функционирањето на механизмите за мирно решавање на работни спорови во Унгарија, Ирска, Романија, Бугарија, Црна Гора и други земји.
На конференција беше презентиран и Прирачникот за професионални помирувачи и арбитри, кој ќе им помогне да ги развијат практичните знаења и вештини за поефикасно управување со процесот на разрешување на спровите меѓу работниците и работодавачите. Издавањето на овој Прирачник, како и останатите реализирани активности за воспоставувањето на новиот механизам, се поддржани од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.
„Во Македонија е направен голем исчекор во имплементација на новиот механизам што гарантира дека мирното решавање на работните спорови ефикасно ќе функцинира во практика. Резултатите од првите решени работни спорови по вонсудски пат се охрабрување и дополнителен мотив за сите вклучени страни во процесот да продолжат со негово натамошно јакнење“, изјави Наташа Мечкароска Симјаноска – координатор на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“.
Посебен дел од конференцијата беше и првиот состанок на новоформираната Асоцијација на помирувачи и арбитри во работни спорови, на кој се разгледа досегашниот прогрес во оваа област, како и предизвиците и начините за натамошно подобрување.
„Искуството од првите неколку решени работни спорови со помош на лиценцирани помирувачи, односно арбитри, покажа дека овој нов механизам е поефикасен и поисплатлив отколку класичните судски постапки. Механизмот се темели на јасни принципи, како што се неутралноста, доверливоста, непристрасноста, еднаквоста и правичноста, и верувам дека довербата во него постојано ќе се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и бројот на постапки кои ќе бидат решавани на ваков начин“, вели Лазар Јовевски, лиценциран помирувач и заменик претседател на Асоцијацијата.
Работните спорови можат да произлезат од колективните договори или индивидуални спорови поврзани со отпуштање од работа или неисплата на плата. Нивното решавање е регулирано со посебен закон кој стапи на сила од почетокот на 2015-та година. Основната цел на законот е да им овозможи на работниците и работодавачите да изнајдат заемно прифатливо решение преку соодветна доброволна вонсудска постапка, со помош на лиценцирани помирувачи или арбитри. Согласно законот, целокупните трошоци за спроведување на ваквите постапки ги покрива Министерството за труд и социјална политика. Министерството ги прима барањата и управува со процесот користејќи електронски систем за управување со случаите, кој вклучува и регистар на лиценцирани помирувачи и арбитри.