Македонија и Босна и Херцеговина заедно кон иста цел – мирен, безбеден и просперитетен регион

Република Македонија и Босна и Херцеговна се две пријателски земји кои имаат една цел, а тоа е мир, безбедност, просперитет за целиот регион, заклучија на денешната средба во Сараево, министрите за одбрана на Македонија и на БиХ, Зоран Јолевски и Марина Пендеш.

На средбата, министерот Јолевски кој е во официјална посета на БиХ, истакна дека двете земји имаат заедничка иднина, а тоа е членство во НАТО – Алијансата и Европската Унија. „За нас како држава нема сомнеж дека само интегриран Балкан може да придонесе кон безбедноста на целиот континент, факт кој се увиде во текот на мигрантската криза“, рече министерот. Мора да се изнајдат начини, подвлече Јолевски, земјите од регионот да го направат следниот чекор кон целосна интеграција во Алијансата. Министерот посочи дека Република Македонија во 2008 година ги исполни сите критериуми за членство, додека Босна и Херцеговина мора да го започне процесот на пристапување со доделување на Акцискиот план за членство.

Во контекст на меѓусебната соработка, министерот посочи дека таа е на највисоко ниво. „Босна и Херцеговина ни го доверува образованието на идните лидери и офицери во вооружените сили и тоа е еден дополнителен мотив Воената академија ’Генерал Михаило Апостолски’ која е признат регионален воено-образовен центар да продолжи да ги унапредува своите капацитети“, рече министерот. Дополнително, министерот посочи дека Центарот за обука на пилоти претставува уште една одлична можност за продолжување на соработката, особено имајќи предвид дека воени пилоти од БиХ веќе го посетија Центарот и дадоа исклучително позитивни оценки. Во однос на регионалните центри, министерот посочи дека соработката помеѓу Тренинг-центарот за меѓународни мировни мисии во Сараево и Регионалниот центар за односи со јавноста како два НАТО-центри, продолжува и во иднина.

dsc_0017

Министерката Пендеш посочи дека двете земји имаат особено развиена соработка која соодветствува со односи на две пријателски, партнерски земји.

Во контекст на регионалната соработка, министрите изразија задоволство од реализацијата на Балканските медицински сили, чиј Главен штаб беше неодамна отворен во Скопје.

Во текот на денешниот ден, министерот Јолевски ќе оствари средби и со претседавачот на Заедничката комисија за одбрана и безбедност на Парламентарното собрание на БиХ, како и со командантот на ЕУФОР – АЛТЕА. Воедно, министерот ќе ги посети и припадниците на АРМ кои се дел од мисијата, а ќе положи и венец со свежо цвеќе на споменикот на загинатите припадници на АРМ во хеликоптерската несреќа.

На вториот ден од посетата, министерот Јолевски ќе го посети и Тренинг-центарот за меѓународни мировни мисии, каде Република Македонија придонесува со еден постојан предавач.

dsc_0046