Меѓународна конференција по повод 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,  во Конгресниот центар во Охрид, се обрати на свеченото отворање на Меѓународната конференција по повод 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски.

Меѓународната конференција насловена како „Свети Климент Охридски – Милоста и милосрдието во Библијата и во Црквата” е во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” – Скопје.

„Годинава кога одбележуваме 11 века од неговото физичко упокојување, ние се потсетуваме на неговите пораки, кои треба да ни помогнат да им останеме верни на трајните и вечни морални и етички принципи и вредности. Но, за да го направиме тоа, мора да се вратиме на изворот од кој се напојувал и св. Климент бидејќи на изворот водата е секогаш најчиста, а учењето најјасно. Ако се обидеме со еден збор да го опишеме св. Климент Охридски, тогаш тоа е зборот милост. И нема да згрешиме, бидејќи дури и во името му е скриена милоста. Климент, односно Clementia е латинското име на милоста. Во Охрид го гледаме милосрдието на Бог, кој ни дал таква природа и убавина. Затоа и поетот Константин Миладинов, опевајќи го езерото вели „сегде Божева је хубавина”. Затоа, низ вековите, луѓето граделе цркви и манастири кои во еден момент изнесувале 365. Еден од нив е и манастирот на св. Климент Охридски, кој го изградил на најубавото место во Охрид.

Исто како Охрид, и св. Климент Охридски е дел од Божјата милост кон словенството и особено кон Македонија. Мораме да сме благодарни за таа милост. А вистинската благодарност не се искажува само преку спомнување на неговото име, туку и преку почитување и применување на неговите слова и поуки.

На самиот крај, уверен сум дека секој од учесниците на оваа меѓународна конференција ќе додаде барем едно камче во мозаикот што ќе ни го приближи ликот и делото на Св. Климент Охридски и милоста на која тој укажува“ – истакна претседателот Иванов. 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, е покровител на чествувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски, како значаен јубилеј за Република Македонија, што се одбележува со многубројни активности и културни настани посветени на животот и делото на овој голем македонски просветител.