Амбасадорот на САД во посета на ОО на СДСМ Охрид

Во рамки на својата работна посета на Охрид, амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли ја посети Општинската организација на СДСМ Охрид, каде што оствари средба со Томислав Тунтев, Претседател на ОО на СДСМ Охрид и Пратеник во Собранието на Република Македонија, и Ѓоко Танасоски, Член на Извршниот Одбор на СДСМ и Шеф на општинскиот изборен штаб.

Домаќините го информираа амбасадорот за активностите на локалниот огранок на СДСМ во Охрид и му ги предочија партиските ставови и гледишта за предизвиците и очекувањата во очи на претстојните вонредни парламентарни избори на 11 декември.

„Веруваме и очекуваме по подолго време во земјава конечно да бидат организирани и спроведени регуларни, кредибилни и демократски избори, кои реално ќе ја отсликаат волјата на граѓаните. Со оглед на фактот што овојпат гарантори за успешна реализација на изборниот процес се меѓународната заедница, опозицијата и граѓанскиот сектор, убедени сме дека изборните манипулации и изборниот инженеринг од страна на власта ќе бидат превенирани и оневозможени“ – рече Тунтев.

20161026_160925

На средбата беше потенцирана огромната важност на претстојниот изборен процес за конечна нормализација на државата, за владеење на правото, за практикување на универзалните цивилизациски вредности и за доближување кон нормите и критериумите на НАТО и на ЕУ. Домаќините го запознаа уважениот гостин со многубројните неправилности и недостатоци во двата изминати уо циклуси и изразија надеж дека на наредните парламентарни избори ќе преовлада свеста, совеста и патриотизмот кај гласачите, кои ќе се определат за слободата, демократијата и вистинските човекови вредности.

Средбата во Охрид, која беше одржана по иницијатива на американската амбасада, беше искористена и за размена на мислења и ставови околу актуелните состојби во сферата на медиумите, избирачкиот список, правосудството, како и теми од локален карактер за животот и битисувањето во Охрид.

20161026_150440