Канцеларијата на мисијата на ОБСЕ за демократски институции и за човекови права (ОДИХР) денеска официјално ја почна набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори кои се закажани за 11 декември.
Мисијата се состои од главен тим на 14 експерти и од 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја во тимови по двајца, почнувајќи од 9 ноември.
ОДИХР ќе побара од земјите членки на ОБСЕ да обезбедат 300 краткорочни набљудувачи што ќе го надгледуваат процесот на денот на изборите.
Мисијата е предводена од Тана де Зулуета, која веќе се сретнала со членовите на Државната изборна комисија и со претставници на МНР. Во наредниот период претставници на ОБСЕ ќе се сретнат со политичките партии, цивилното општество и со медиумите.
– Мандатот ни е да вршиме набљудување и оценка на изборната кампања и на денот на изборите. Бројот на набљудувачи е висок и ни овозможува да имаме добра анализа за изборниот процес – рече Де Зулуета.
Таа додаде дека набљудувачите на ОБСЕ ќе бидат неутрални и дека доколку се случат сериозни безбедносни ситуации, тоа ќе го истакнат, но решавањето на вакви ситуации е работа на владата.
Де Зулуета заклучи дека политичката волја да се оди на избори се чини дека е едногласна.
На новинарско прашање дали може ОБСЕ/ОДИХР да сугерира непризнавање на резултатите од изборите, таа рече дека тие немаат мандат за тоа и ќе остават тоа да го одлучат надлежните органи.
ОБСЕ ќе го објави конечниот извештај следната година, околу осум недели по завршувањето на изборите.
Извор: meta.mk