Самак: Последните години над 200 милиони евра инвестиции

Странските директни инвестиции во зоните се многу значајни за македонската економија, смета министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак.

„Честопати се водат критики за тоа колку вределе и колку оставале профит во македонската економија странските директни инвестиции. Од проектите што ги знаеме од нашиот кабинет можам да кажам дека во последните неколку години имаме над 200 милиони евра инвестиции, а тоа годишно значи извоз од над 1,4 милијарди евра или околу 300 милиони евра годишно зголемување на Бруто домашниот производ. Ако го земеме фактот дека во фирмите во зоните работат 11.300 вработени излегува дека има околу 73.000 евра годишно приходи по вработен“, изјави министерот Самак по пуштањето во употреба на новата фабрика на „Леар Корпорејшн“ во индустриската зона во Тетово.

Тој рече дека во моментов во „Леар“ се вработени 520 лица, а се очекува наскоро нивниот број да се зголеми на две до 2,5 илјади.

„Од оваа компанија очекуваме годишно извоз од 45 до 50 милиони евра или околу 190 милиони евра зголемување на БДП во наредните пет години“, рече Самак.

Нагласи дека овие бројки ја прикажуваат огромната придобивка од странските инвестиции во земјава.

„Значајно за домашните фирми е што околу 220 милиони евра во последните три години се слеани на нивните сметки за градба, набавка и разно разни услуги кои им ги нудат на странските инвеститори. Сакаме оваа бројка драстично да се зголеми и да има се поголема соработка меѓу странските и домашните компании“, потенцира Самак.