Заев: Ќе ја гасифицираме цела Македонија, граѓаните и фирмите ќе заштедат!

Обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев:

„Оваа гасна станица зад мене им го поевтини и олесни животот и работењето на граѓаните, институциите и фирмите во Струмица. До денес, само Струмица и Куманово го користат гасот, кој е евтин и еколошки енергенс.

Тука сум за да ви ветам по 11 декември, вакви гасни станици ќе има уште во 32 града во Македонија. Ќе ја гасифицираме цела Македонија.

Ние Македонија ќе ја поврземе со ТАП, еден од познатите европски гасоводни системи и со преносните системи на соседните земји и ќе им помогнеме на домаќинствата, станбените згради, индустриските објекти и оранжерии да инсталираат системи за гас.

Ова е изводливо и реално.

Еве го доказот, оваа гасна станица е доказот.

А, еве еден пример што донесе гасификацијата во Струмица. Пред да го воведеме гасот во Струмица, училиштата плаќаа 24 милиони денари, годишно за греење, а денес трошоците за греење во училиштата се помалку од 10 милиони денари. Секое училиште заштедува по 60 проценти од парите што ги добива, заштедените пари се искористени за нови прозорци, врати, ефикасни фасади кој топлат, за нови табли, квалитетни столчиња, маси за седење, нови кабинети за практична настава на учениците, и многу други работи.

Овој бенефит што го имаат децата во Струмица и Куманово ќе го имаат децата во цела Македонија.

Ако како граѓани користите гас сметките се за 20 до 30 проценти пониски, така ќе ви останат повеќе пари во семејниот буџет.

Ако како фирми користите гас наместо нафта и дрва заштедите од сметките се во милиони денари.

Ова е еден од начините како ќе ги враќаме парите кон граѓаните и како ќе обезбедиме градови со чист воздух и добро здравје на граѓаните.

Гасот е најупотреблив енергенс во целиот свет и по декември, и Македонија ќе ја поврземе со светот.

Обезбедуваме живот за граѓаните на Република Македонија.“– истакна Заев.

gasifikacija