ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид испрати реакција во врска со изјавата од носителката на кандидатската листа на СДСМ во петтата изборна единица Радмила Шекеринска која денес беше во Охрид.
„На граѓаните на Охрид им е совршено јасно дека на Радмила Шекеринска, автор на една од најголемите лаги во историјата на независна Македонија, повторно и е доделена задачата да лаже бидејќи нема опасност со лагите да си го уништи кредибилитетот. Ова е така бидејќи Шекеринска ниту има кредибилитет ниту може да го стекне.
Се што има Шекеринска зад своето име е титулата за најпоразуван политичар во современа Македонија, која воопшто не е незаслужена. Токму грандиозните лаги од типот „СДСМ ќе вработи по еден човек од секое семејство“ се причина за ваквата казна која граѓаните редовно со години им ја испорачуваат на Шекеринска и на СДСМ.
Се што има пак СДСМ во Охрид зад своето име се 50 милиони евра долг во општинската каса, запуштен град во кој ни корпа за ѓубре не беше променета во нивно време и бесперспективност за младите. СДСМ во Охрид зад себе остави и многу споменици, но не на културата туку на мрачната транзиција и пустошот кој следеше после неа и го промени животот и изворот на егзистенција за илјадници охриѓани.
И денес Шекеринска и СДСМ со сиот памет застануваат пред охриѓани да ветуваат нови брда и долини, истурајќи грст лаги од нивните фабрики за афери. Ова докажува дека покрај недостатокот на кредибилитет, СДСМ и Шекеринска немаат ниту малку срам и перде.
Ова го прават затоа што сакаат да ја дефокусираат јавноста од нивните намери и планови. СДСМ сака да се зборува за се, само не за најавената двојазичност на ниво на цела Македонија, за отворањето и промената на Уставот и за деструкцијата и кризата во која СДСМ ја држеше Македонија две години.
СДСМ и Шекеринска сакаат охриѓани да заборават кој денес ги гледа во очи и ги лаже, ветувајќи нови „вработени од секое семејство“. СДСМ и Шекеринска сакаат граѓаните да заборават кој затвораше фабрики и ја запусти економијата, бркајќи на улица 200.000 граѓани. СДСМ и Шекеринска сакаат граѓаните да го игнорираат фактот што ВМРО-ДПМНЕ ја намали невработеноста од 38% во време на СДСМ на рекордно ниски 24% денес. Но граѓаните не забораваат.
Затоа СДСМ губи веќе 11 години по ред и истиот одговор од граѓаните ги чека и на 11-ти декември.“- стои во реакцијата.