Заев: Најавувам генерален реизбор во судството, уште 30 дена до правда за сите!

Претседателот на СДСМ,  Зоран Заев денес одржа прес конференција, на која истакна:

„Почитувани граѓани,

Најавувам ГЕНЕРАЛЕН РЕИЗБОР НА СИТЕ СУДИИ ВО ДРЖАВАТА.

Тоа ќе се случи веднаш по 11 декември!

Доста страдаа граѓаните и чесните луѓе, додека криминалци и насилници од власта и нивни соработници се на слобода.

Уште само 30 дена и ЌЕ ИМА ПРАВДА!

Ќе ја раскинеме целосно спрегата на несовесното судство со криминалната, корупциска и неодговорна власт на Никола Груевски.

Ниеден судија повеќе нема да си дозволи да осудува невини луѓе.

Ниеден судија нема да смее да помисли да монтира судски процеси.

Ни во сон ниеден судија нема да помисли да работи за криминалци.

Затоа што криминалците ќе бидат, каде што им е местото. Пред лицето на правдата. Лицето на правдата ќе биде целосно нов самостоен, независен, совесен, одговорен судски систем.

И сега има поединци во судството кои одважно ја бранат прадвата, за што знаеме дека трпат последици – на нив им порачувам, да не се грижат. Нивната жртва денес, ќе биде нивна предност по 11 декември.

Со реизборот во судствството – политичарите, извршната власт, ќе мора да ги повлечат канџите од судството! Реизборот ќе се случи по критериуми што веќе во повеќе земји даваат видливи резултати.

Дополнително, бројчаникот што ќе го поставиме да врти на Триумфалната капија, ќе покажува како секој денар украдени пари на граѓаните се враќаат и ќе биде паметник за секого, дека за такво вакво зло врз граѓаните, се одговара.

Минимум дилема да немате. Доаѓа време кога секој ќе биде еднаков пред законот. Секој заслужува правда. И ве уверувам, ќе има контрола над власта и ЌЕ ИМА ПРАВДА ЗА СИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА! Ќе има живот за сите во Република Македонија!“– рече  Заев.