Бакрачески: Како градоначалник ќе ги вложам сите напори администрацијата да биде максимално заштитена

Градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески денес во неговиот кабинет оствари средба со дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација м-р Александар Кирацовски. По средбата, градоначалникот во изјава за медиумите истакна:

„На средбата разменивме мислења околу можностите за евентуално отстранување на било каква можност за притисоци во текот на изборниот процес, на ниво на општина Охрид и јавните претпријатија и оние институции над кои има надлежност Локалната самоуправа. Констатиравме дека треба да се вложат максимални напори од сите страни, а не само од страна на раководните структури на Локалната самоуправа, туку и од политичките партии и сите министерства, вклучувајќи го и Министерството за информатичко општество и јавна администрација. Да се вложат максимални напори за да се отстрани секаква можност за влијаење на политичкиот процес, односно секаква можност за притисоци врз јавната администрација. Можам слободно да кажам, со чиста совест, дека досега, во овие три и пол години со раководењето  не вршел отворени притисоци на вработените во Локалната и јавните претпријатија кои произлегуваат од Локалната самоуправа, за остварување на некои политички агенди, односно активности и таквиот тренд секако дека ќе се задржи и до крајот на мојот мандат. Јас како градоначалник ќе ги вложам сите напори администрацијата во Локалната самоуправа да биде максимално заштитена и да биде ослободена од било какви влијанија за политички цели или да биде политички злоупотребена.“ – изјави градоначалникот Бакрачески.

WebOhrid