РК Охрид вечерва игра против РК Еурофарм Работник

Вечерва со почеток во 19:30 часот, РК Охрид на домашен терен во Спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид, ќе го пречека тимот на Еурофарм Работник во рамките од 11 коло од македонската ракометна Супер лига.

„Денес не очекува тежок натпревар со Еурофарм Работник, тоа е единствената екипа која го има совладано Охрид годинава. Изгубивме со 1 гол разлика во Битола, иако водевме цел натпревар. Успеаа еднаш да поведат и да го добијат натпреварот. Се надевам дека денеска нема да е така. Имаат една искусна екипа, но ние со помош на охридската публика, мислам дека ќе го добиеме овој натпревар. Ќе се обидеме да се покажеме во добро светло и да се радуваме на уште една победа.“ –  изјави капитенот Крсте Андоновски.

pressrkohrid02

„Работник е екипа составена од интернационалци, бивши македонски репрезентативци, искусни и квалитетни играчи. Досега имаме 8 победи, еден нерешен резулатат и еден пораз, ама тој поразот најмногу не боли и ни стои како црна точка цело време. Се надеваме дека на овој натпревар, ќе го дадеме максимумот од нас, секој ќе ја изврши својата задача и дека на крај ќе се радуваме на победа. Се надевам дека победничката серија ќе продолжи и нема да престане тука, па натаму се до почеток на плејофот.“ – рече голманот Благојче Трајкоски.

По одиграни 10 натпревари, екипата на Охрид е на прво место со 25 бодови, пред Пелистер на второто место со 22 бодови и третопласираниот Еурофарм Работник со 19 бодови.

WebOhrid