Во просториите на ОК на ВМРО-НП Охрид денес Коалицијата ВМРО за Македонија одржа прес-конференција. Конференцијата беше посветена на иницијативата поднесена во август 2013 година, односно иницијатива за укинување на екстерното испитување во основното и средното образование во Македонија, кој што од Коалицијата ВМРО за Македонија сметаат дека како проект не е во ред да се применува во образованието.
„Веќе неколку години поточно од учебната 2012/2013 година Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ без никакво чувство на одговорност и самокритичност, спроведува проект во основните и средните училишта наречен Екстерно проверување, т.е екстерно тестирање. Бидејќи се наоѓаме во периодот во кој што уште една генерација на матуранти за извесно време ќе биде вклучена во реализација на овој проект, би сакал овде во оваа прилика пред сите Вас да се осврнам на неколку аспекти на овој од страна на власта толку громогласно и помпезно најавуван проект за унапредување на образовниот систем во Република Македонија, кој пак уште на почетокот на неговото воспоставување ги покажа своите недостатоци пред се не од формална туку од од суштинска природа, кои што аспекти недвосмислено укажуваат на фактот дека неговото понатамошно имплементирање во пракса во основното и средното образование, не само што е беспредметно туку е и бесмислено, проект кој пред се заради тоа што е недоволно осмислен е контроверзен со одредби во законот кои се:
– нејасни,
– непрецизни,
– непотполни,
– двосмислени и противречни, е во расчекор со позитивните законски прописи, спротивни на Уставот и на законите, со низа пропусти, најмалку од техничка природа кој што заради бројни недостатоци во неговата методологија е толку критикуван и оспоруван, и како резултат на сето тоа во суштина е доведена во прашање неговата регуларност, што пак секако предизвика бурни реакции од сите инволвирани страни а сепак се турка и понатака – кучињата лаат , караванот си врви…. Би сакал да појаснам зошто велам нерегуларен, дали е во ред ученикот кој има оценка недоволен (1) по некој предмет да преоѓа во наредна година на образование??. Ова е само еден сегмент од низата контроверзи на проектот, а пред се е и невиден ПРЕСЕДАН во нашиот образовен систем, единствен во светот од ваков тип.“– истакна Рајко Домазетоски, кандидат за пратеник од оваа коалиција, кој што воедно е иницијатор и подносител на оваа иницијатива до Уставниот суд.
Тој рече дека со воспоставувањето на овој проект, институциите кои што се јавуваат во својство на негови организатори т.е. Државниот испитен центар во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, покажаа дека не се способни да ја извршат целта заради која се формирани и заради која егзистираат- унапредување на образовниот систем во Република Македонија, а посебно нешто што уште повеќе треба да не загрижи што во овој„ проект“ нашите деца се третираат само како бројки кои што понатака статистички ќе се обработуваат.
„Извинете г-да Кралев, Ристоски, Тодоров и Адеми, меѓутоа нашите деца се здрави еманципирани и елоквентни индивидуи а не бројки. После бројните активности преку Советот на родители и Училишниот Одбор на нашата гимназија, заедно со неколку родители ентузијасти неможејќи да ја промениме новонастанатата ситуација се одлучив да поднесам Иницијатива до Уставниот Суд и истата е поднесена на 30.08.2013 година со бр. У-132/2013, со главната поента во оваа иницијатива дека Следењето, проверувањето и оценувањето на учениците, треба да биде континуирано и систематско и наставниците се единствени кои можат континуирано и систематски да го следат постигањето и напредувањето на ученикот преку текот на целата учебна година и на крајот да го утврдат општиот успех на ученикот. Одлука У. бр. 226/2008 од 1.07.2009 година.
Меѓутоа како функционираат судовите и судскиот систем во Република Македонија, а за жал и Уставниот суд не е исклучок имавме прилика да видиме и да се увериме така да од поднесувањето на иницијативата до денес се поминати повеќе од три години и после неколку мои укажувања одговор на поднесената иницијатива и укинување на ваквите одредби од законот нема, Уставниот суд и понатака игнорантски се однесува.“– рече Домазетоски и додаде:
„После сето горенаведено, понатамошното форсирање на еден ваков противправен, противуставен и дискриминаторен проект е далеку од реалноста и од секаква здрава логика и од тие причини, а врз основа на програмските определби и заложби на ВМРО – Народна партија, која како партија пред се се залага за квалитетно, модерно и современо образование, во кое што младите личности мора да бидат носечки столб за изградба на едно демократско општество, а не бројки, втемелувајќи ги своите програмски определби во програмата на коалицијата ВМРО за Македонија од име на сите нив можам да порачам дека доколку политичката опција која што ја претставувам коалицијата ВМРО за Македонија добие поддршка од народот и учествува во формирањето на нова влада, ќе го УКИНЕ ЕКСТЕРНОТО ТЕСТИРАЊЕ и ќе воведе комбиниран модел на образование од системот на образование кои што до сега го имавме следејќи ги и имплементирајќи ги во него само позитивните искуства од европските и светски трендови.
На досегашните ресорни министри (погореспоменати) им порачувам доколку сакаат квизови да се пријават на Квискотека, бројки и букви и други познати квизови, а да се играат со судбините на нашите деца , е тоа повеќе нема да им го дозволиме.
Би сакал да им порачам на наставниците и на наставниот кадар дека нивната улога е клучна во воспитно-образовниот процес на младата популација а нивната понатамошна едукација во чекор со современите трендови ќе ни биде приоритет, а нивното понатамошно напредување во кариерата нема да зависи од еден квиз.“- додаде Домазетоски и рече:
„На крај би сакал да им порачам на учениците, а голем дел од нив со задоволство можам да кажам дека се и мои ученици, дека квизот од 30-40 прашања на училиште, т.н екстерно тестирање, (за жал на актуелната владеачка гарнитура) – повеќе нема да го имаат. Минатата година, битката со министерството за образование во врска со бројните импровизации со полагањето на државната матура ја добивме заедно, убеден сум дека и оваа битка ќе ја добиеме заедно.“– заврши Домазетоски.