Во врска со денешната прес-конференција на д-р Сашо Василески, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, ОО на СДСМ Охрид испрати реакција до медиумите во која стои:
„И на малите деца им е веќе јасно тоа какви непроценливи штети ВМРО-ДПМНЕ му нанесе на највредното културно и духовно наследство за охриѓани, Плаошник.
Денес како злосторници кои се враќаат на местото на злосторството, луѓето од ДПМНЕ, предводени од нивниот кандидат за пратеник, Сашо Василески говорат за некакви капитални дела од доменот на културното наследство.
Замислете, држат прес конференција на местото кое бескрупулозно и безмилосно го уништуваат градејќи огромни бетонски зданија и уште ветуваат изградба на манастирски конаци, музеи, библиотеки за да блеснело ова световно жариште.
Благодарение на нивните градежни и криминални егзибиции, токму ова световно жариште може засекогаш да згасне.
СДСМ и коалицијата нема да го дозволат понатамошното девастирање на најзначајните културни локалитети во земјава.
По 11ти декември, ќе изготвиме нов Закон за заштита на културното наследство, каде сите значајни споменици од национално значење ќе бидат заштитени, а нивното одржување ќе биде задолжително финансирано.
СДСМ има План за живот, СДСМ има план за чување на нашето културно богатство, граѓаните тоа го препознаваат.“ – стои во реакцијата од ОО СДСМ Охрид.