Група ученици од шесто одделение од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец беа учесници на третиот меѓународен фестивал за сценски минијатури во Лесковац, Р. Србија. Вкупно 9 ученици под водство на менторите Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Александра Трпеска, на сцената се претставија со музичкиот перформанс „Оставете ни ги крилата“, со која на еден модернистички начин покажаа отпор кон гушењето на индивидуалноста на единката и испратија порака дека секому треба да се дозволи да ги „употреби своите крила“.
Сценографијата и костимографијата беа креација на самите учесници и менторите. Настапот на учениците од ОУ „Ванчо Николески“ беше проследен со воодушевување кај публиката и тамошните медиуми.
Фестивалот на сценски минијатури се реализираше во организација на Лесковачки културен центар од 22 до 24 ноември, а на него зедоа учество групи од основни училишта, детски центри, балетски групи, ученички домови и градинки од Р. Србија и околните земји. Групата од ОУ „Ванчо Николески“ беше единствениот учесник од Р. Македонија и се стекна со специјална награда за поттик на соработка и дружење меѓу децата на овој фестивал.