Каневчев: Морално право и обврска ни е да го вратиме сјајот и да ги обелиме четирите свети букви на историското В М Р О

Во просториите на ОК на ВМРО-НП Охрид денес се одржа прес-конференција, на која говореше кандидатот за пратеник од Коалицијата „ВМРО за Македонија“ во ИЗ5 Владимир Каневчев.

„Чест ми е што сум овде како претставник на Коалицијата ВМРО за Македонија, коалиција која и беше неопходна на Македонија. Оваа коалиција е предводник од искусни луѓе, политичари кои беа столбот и младата прогресивна сила во раните 90 години и цврсто застанаа на патот за суверена и независна Македонија. Лидерите на коалицијата ВМРО за Македонија се искусни луѓе кои поминаа повеќе политички премрежја во 25 годишниот период и сите одлуки ги носеа исправно, храбро и одлучно во дадениот момент, без некакви претходно напишани фермани. Затоа и разликата е очигледна. Се работи за политичкото искуство. Откако започна Изборната кампања, секојдневно партиите и коалициите ја заоструваат својата реториката кон политичките противници, а со тоа ги продлабочуваат стравот и омразата кај народот.Па како мислат да ги исполнат сите свои ветувања со нарушени меѓучовечки односи?Секојдневно мафтаат со некакви напишани програми, кој со сини, кој со црвени корици, а освен промена на бојата не слушаме ништо ново. Слушаме дека федерализацијата на Македонија им стана главен адут во кампањата, зарем на тој начин можат да останат недопрени и меѓуетничките односи? Коалицијата ВМРО за Македонија е пред еден нов предизвик, пред најголемата битка во Македонија, битката со која ќе се ослободиме од стравот и стегите, кога ќе почнеме сами да размислуваме, да носиме одлуки од кои ќе произлезат нови идеи, кои ќе допринесат за развој на севкупното општество.“ – истакна Каневчев и додаде:

„Како коалиција ВМРО за Македонија, морално право и обврска ни е да го вратиме сјајот и да ги обелиме четирите свети букви на историското В М Р О за кое во Македонија се пролеани реки од крв, а во последните десетина години истите тие букви беа оскрнавени исклучиво за ситнопартиски и лични интереси. Секој вистински македонец, патриот и родољуб, кој искрено ја сака Македонија, знае да ги цени и почитува вредностите и да оддаде вистинска почит на сите оние кои ги дале своите животи за слободата на Македонија, а е спремен искрено да се посвети на напредокот и развојот на земјата, може да се пронајде единствено тука , кај нас.Цврсто сум уверен дека коалицијата ВМРО за Македонија ќе тргне на вистинскиот пат, со вистинските луѓе.“– заврши Каневчев.

WebOhrid