Кривична пријава за струшки проценител на недвижен имот

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Т.С.(62) од Струга лиценциран проценител во Агенција за процена и вештачење на недвижен имот поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела – “злоупотреба на службената положба и овластување“ и “фалсификување или уништување на деловни книги“.

Пријавениот во корист на учесниците на јавно наддавање, изготвил проценка на деловен простор од 88 м2 на ул “Димитар Влахов“ во Охрид на должникот и други доверители, незаконски смалувајки ја неговата реална вредност, односно деловниот простор при лицитација со лажната намалена пресметка бил проценет на износ од 7.888.789 денари (или 128 273 евра), а при спроведената лицитација на 21.03.2016 година бил купен од правно лице сопственост на Н.У. за износ од 7.950.000 денари (или 129 268,29 евра). По ова адвокатот Д.К. знаејки дека претходната проценка е со невистинити податоци самиот нарачал нова проценка во друга агенција каде објектот бил проценет за повисока вредност, односно во вредност од 13.159.146,48 денари (или 213 276,28 евра), после што објектот од страна на купувачот бил веднаш бил ставен под хипотека како банкарска гаранција во корист на адвокатот и при негово земање на банкарски кредит од 140.000 евра, истиот деловен објект Н.У. му го продал на адвокатот.