Лазаревска: Програмата на СДСМ има план за подобро, поквалитетно, европско образование

Владата на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во своето 10 годишно владеење успеа македонското образование да го донесе на самото дно во европски рамки и од него да направи единствено само фабрика за партиски вработувања.Ова го истакна на денешната прес конференција Жаклина Лазаревска , кандидат за пратеник и советник на ОО СДСМ Охрид.

„Незнаењето на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ кулминираше со безмилосно трошење на народните пари на “проекти“ од типот: „Компјутер за секое дете“ , екстерно тестирање и оценување на учениците и наставниците , целосно нефункционална Кембриџ програма, пренатрупаност на наставниот кадар со двојна администрација и многу “проекти“ кои на крајот резултираа со целосна деградација на македонското образование. Нашите деца мора да имаат подобро образование!На македонското образование му се потребни итни промени кои ќе донесат поголем квалитет, подготвени ученици и мотивирани наставници. Тие итни промени, новата влада предводена од СДСМ и коалицијата ќе ги направи по сеопфатна јавна расправа, за да добиеме европско образование.“– рече Лазаревска.

Од СДСМ сметаат дека не се можни квалитетни реформи без широка дебата на сите инволвирани во образованието: стручни лица, бизнис заедницата, наставниците, учениците и родителите.

„Ќе го намалиме бројот на предмети и ќе се фокусираме на математичките и јазичните предмети. Во рок од една година државни комисии составени од универзитетски професори, подржани од Министерството за образование и наука ќе ги евалуираат сите учебници за основно и средно образование и ќе постават јасни правила кои мора да се почитуваат.Ќе се повлечат учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несоодветни за возраста на учениците.Ќе објавуваме конкурси за пишување на задолжителните учебници , на коишто издавачите ќе конкурираат заедно со авторите. Ќе формираме нов сектор за мултимедија и електронско издаваштво во рамките на МОН за да најголемиот дел од учебниците и другите помагала бидат достапни во дигитална форма. Ќе го укиниме екстерното тестирање како проект кој предизвика голем револ кај наставниците, а создаде вознемиреност и незадоволство и кај учениците и кај родителите. Екстерното тестирање го девалвира целокупниот напор и труд на наставниците и учениците во текот на целата учебна година. Наставниците ќе ја имаат целокупната помош и почит од општеството. Ќе ги мотивираме во работата наспроти притисокот и инспекциите кои ги трпеа изминатите неколку години. На наставниците во основното и средното образование им е потребна подршка и стимулација , а не закани и казни. Ние нема да ги заплашуваме наставниците со казни, туку ќе ги наградуваме оние кои мотивирано ќе го пренесуваат своето знаење на учениците. Ќе воведиме награди за најдобрите 50 основни училишта, 10 гимназии и 10 стручни училишта, во кои вработените ќе добиваат 20% поголема плата за наредните 12 месеци. Ќе ги наградуваме наставниците чии ученици имаат успеси на државни и меѓународни натпревари со повисока плата независно од кое училиште доаѓаат.“- рече Лазаревска.

zaklinalazarevskapress

Според неа, во текот на кариерата и годините на стаж мора да дојде до намалување на часовите на наставниците со највисоки звања.

„Ќе се намали бројот на часови за наставници со над 20 години континуиран работен стаж во образование по 2 часа неделно за секои 5 години стаж. Последните две години ќе имаат по 10 часа неделно.Овие наставници ќе добијат менторски задачи, регулирани со правилникот на Министерството за образование и наука.Наместо најавената Академијата за наставници, за оние кои завршиле наставнички факултети предлагаме едногодишно задолжително стажирање во училиштата.Стручниот испит ќе се полага пред државна комисија во која ќе партиципираат професори од наставничките факултети и искусни и потврдени наставници од основните и средните училишта. Државниот испитен центар ќе прерасне во Центар за обезбедување на квалитет во образованието.“ -истакна Лазаревска.

Како што рече Лазаревска, Бирото за развој на образованието ќе се преструктуира и ќе прерасне во Институт за развој на образованието

„Ќе извршиме редефинирање на концептот на средните стручни училишта.Ќе ги приспособиме образовните програми кон пазарот на трудот. Посебно внимание ќе посветиме на професионалната ориентација на учениците како начин на нивно целосно насочување кон повисоките нивоa на образование , усогласени со политиките и проектите на економијата. Ќе го истакнеме значењето на Државната матура и ќе ја приспособиме на образовниот профил на училиштето( гимназиско, стручно, медицинско и уметничко). Ќе ја вратиме универзитетската автономија! Ќе воведеме државен Фонд за научно истражување и развој. Преку Фондот, за 50% ќе го зголемиме вложувањето во науката во првата година, за на крајот од мандатот тој буџет да биде пет пати поголем од сегашниов.Ќе изградиме студентски град и нови студентски кампуси со сите современи услови достојни за живот на студентите, бидејќи нашите студенти не заслужуваат мувла по ѕидовите, разрушени кровови и смртоносни лифтови.Ќе воведиме студентска картичка за поевтини услуги која ќе може да се користи за услуги во студентските кампуси и попусти за користење на меѓуградски превоз, спортски и културни настани од национален карактер , ресторани. Да се биде граѓанин на Охрид, значи да се има посебно чувство за образованието, да се знае што е добро а што лошо за образованието. Охрид е престолнината на првиот Универзитет на овие простори и Европа, тој е градот од каде што започнало ширењето на писменоста. Затоа ние охриѓани, на 11 декември, ќе излеземе и ќе го дадеме својот глас за СДСМ и коалицијата, ќе го заокружиме број 4 затоа што програмата на СДСМ има план за подобро, поквалитетно, европско образование.“– заврши Лазаревска.

WebOhrid