Во врска со прес конференцијата на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ во која стои:
„Кога СДСМ говорат за проектите во образованието очигледно забораваат дека ВМРО ДПМНЕ спроведе реформи во основното, средното и високото образование. Имплементиравме концепт на бесплатно образование каде што седма година има бесплатни учебници во основното и средното образование. Бесплатен превоз за учениците, бесплатен интернет, наставни програми Кембриџ, и многу други. Имплементација на програмата, интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем, изучување на македонскиот јазик за деца на иселениците, проект безбедни училишта, изготвивме стандарди за исхрана и оброци во училиштата и сл.
Исто така континуирано ги наградуваме и мотивираме учениците од јавните и приватните средни училишта преку доделување на неколку типа на ученички стипендии.
СДСМ треба да знае дека ВМРО ДПМНЕ се заложи од учебната 2015-2016 година да доделува стипендии и за учениците од Спортската Академија во насока на негување и дополнителен стимул на нивниот талент.
Во делот на високото образование состојбата е во континуитет на целосно унапредување со отворање на нови факултети, значително намалување на партиципацијата за студирање на сите државни универзитети, значително ја олеснивме и ја забрзавме постапката на нострификација на дипломите стекнати на странски универзитети, преведување на огромен број научна и стручна литература, зголемување на студентските стипендии и уште многу други поволни мерки.
ВМРО ДПМНЕ успешно го реализира и проектот електронска проверка на знаењата на учениците. Целта на овој проект е учениците да се мотивираат за стекнување знаења и вештини, а не само за добивање на високи оценки, а на наставниците им обезбедивме услови за непристрасно и објективно оценување без притисоци.
Сите овие горе наведени проекти и уште многу други реално стојат во нашата отчетност и реално ја прикажуваат разликата помеѓу лажните ветувања и празните фрази на СДСМ и она што ВМРО ДПМНЕ го реализира. И токму поради ваквата отчетност која ви ја прикажуваме и реалната програма која ја нудиме сигурни сме дека на 11 декември ќе ја добиеме поддршката од граѓаните.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.