Наумоски: Ќе создадеме стручна и ефикасна администрација која ќе дава квалитетни услуги

Во еднодецениското владеење на ВМРО ДПМНЕ не само што целосно изчезна средната класа туку благодарение на нивните политики настана најголемата поделба помеѓу граѓаните на „наши“ и „ваши“, каде припадноста и верноста кон криминалните структури на ДПМНЕ значи бројни привилегии во институциите на системот. Ова го истакна на денешната прес-конференција Мишел Наумоски, портпарол на ОО СДСМ.

„СДСМ и коалицијата по 11ти декември ќе стават крај на нееднаквоста пред законите, крај на нееднаквоста во пристапот до јавните добра и услуги каде привилегираните полесно доаѓаат до луѓе кои треба да им завршат работа во администрацијата или здравството. СДСМ ќе создаде јавна администрација за сите граѓани. Таа повеќе нема да биде сервис за згрижување на партиските кадри на власта чија нестручност го уништи квалитетот на услугата. Ние ќе ставиме крај на принципот нишај врата, земај плата, каде непознат број на партиски послушници не одработуваа ниту еден работен ден, а земаа плата на товар на секој граѓанин. СДСМ по 11ти декември ќе воспостави јавен регистар на администрацијата во кој ќе биде објавен вкупниот број на вработени во јавниот сектор, меѓутоа ние нема да ги бркаме луѓето од работа по принципот на ДПМНЕ, ние ќе ги ставиме во функција на граѓаните. Ќе воведеме флексибилно работно време кое ќе започнува од 7 и 30 и 8 часот и ќе трае до 15 и 30 односно16 часот попладне. Институциите ќе бидат достапни за граѓаните до 20 часот. Оние институции кои имаат значителен обем на работа и во кои граѓаните реализираат клучни права ќе работат во две смени како би се обезбедила навремена услуга за сите граѓани. Ќе создадеме стручна и ефикасна администрација која ќе дава квалитетни услуги, ќе биде транспарентна и отчетна и ќе им служи на граѓаните, а не на партиите.“ – истакна Наумоски и додаде:

„Во изминатите десет години, ВМРО ДПМНЕ со нивните политики се погрижија богатите да станат побогати, сиромашните уште повеќе да осиромашат. СДСМ тоа ќе го промени. Го укинуваме таканаречениот „рамен данок“ каде сите граѓани безразлика на нивниот доход, плаќаат ист данок. И оној кој се мачи да врзе крај со крај со својата минимална плата, и оној кој врти големи пари, сега плаќаат исти даноци. СДСМ ќе воведе повисок данок за најбогатите, а ќе се намалат даноците за сиромашните. Една од клучните мерки со која ќе обезбедиме поправедна распределба на доходот е враќање на 15% од данокот на додадена вредност на секој граѓанин за секое добро или услуга кое ќе биде платено. Тоа ќе значи повеќе приход за семејствата, но и неформална контрола на издавањето на фискални сметки со што граѓаните сами стануваат даночни инспектори. Со оваа мерка, секоја година кај граѓаните ќе се враќаат 8 милијарди денари со што ќе се зголемат нивните приходи, нивната куповна моќ, а ќе се отстрани сивата економија.“ – рече Наумоски.

pressmishelnaumoski1
Тој најави дека СДСМ ќе ја укине радиодифузната такса, а како што кажа, граѓаните повеќе нема да се плашат дека ако задоцнат со плаќањето, ќе им бидат блокирани сметки па за 190 денари радиодифузна такса да плаќаат уште 2000 денари на банките за одблокирање на нивните сметки, или уште пострашно да им тропаат извршители на врата. МРТ ќе биде финансирана од државниот буџет и други средства како и приходи од програмата на јавниот сервис и приходи на кабелските оператори.

„Во време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ од 2006та до денес, граѓаните плаќаат 84 % поскапа струја. Ова е еден од најголемите трошоци за секое македонско семејство кој го задава најтешкиот удар на скромниот семеен буџет. Сепак достапноста на енергијата треба да биде гарантирано право на македонските граѓани и претпријатија. За да ја намалиме енергетската сиромаштија, за нашите граѓани да плаќаат помали сметки за енергија ќе воведеме енергетски ваучери со кои ќе можат да се плаќаат сметки за електрична и топлинска енергија, природен гас или за купување на огревни дрва или биомаса, за категоријата на граѓани опфатени со Законот за енергетска сиромаштија. Процедурите и постапките за стекнување на правото за користење на оваа помош ќе бидат едноставни и достапни за сите. СДСМ ќе ја врати и ефтината тарифа. Граѓаните ќе користат ефтина струја, не само во недела, туку цел викенд, а дополнително, ќе добијат и два часа ефтина тарифа, секој ден.“- рече Наумоски.

WebOhrid