Резултати од конкурсот за стимулација на творештвото од областа на класичната музика

Од Министерството за култура информираат дека во рамките на конкурсот за стимулација на творештвото од областа на класичната музика за 2016 година, поддржани се 23 дела на 20 реномирани автори со што дополнително се збогатува македонската композиторска традиција …

Стимулирањето на домашното уметничко творештво е еден од врвните приоритети на Министерството за култура кој се поддржува и се развива во сите дејности од областа на културата. Министерството за култура преку своите годишни програми и конкурси континуирано обезбедува поддршка за создавање на нови дела со кои се збогатува македонската уметничка продукција. Со воведувањето на новата мерка за откуп на дела согласно Стратегијата за развој на културата 2013-2017 се постигнаа извонредни резултати во насока на збогатување на националните фондови, афирмација на статусот на авторот и се разбира промоција на домашното творештво во меѓународни рамки.

Во областа на музичко-сценската дејност, во февруари 2014 година, Министерството за култура за прв пат објави посебен конкурс за стимулација на творештвото од областа на класичната музика кој предвидува, на годишно ниво, создавање на композиции од различен вид и за различни изведувачки состави и формации. Наша интенција беше со конкурсот да поттикнеме создавање на дела за специфични ансамбли за кои во изминативе години, во нашата држава се твореше во многу мал обем но, и да поттикнеме создавање на нови музички форми, кои се во тек со европските музички трендови.

Во таа смисла, ве информираме дека во рамките на конкурсот за стимулација на творештвото од областа на класичната музика за 2016 година, поддржани се 23 дела на 20 реномирани автори со што дополнително се збогатува македонската композиторска традиција.

На првиот конкурсен рок за 2016 година до Министерството за култура пристигнаа 34 композиции за сите девет предвидени категории. Стручнaта комисија во состав: Марко Коловски и Тина Иванова Бејкова- претставници од Сојузот на композиторите на Македонија, Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ од Македонската опера и балет, Владимир Костов од Македонската филхармонија, како и Џијан Емин и Кире Костов од Факултетот за музичка уметност ги разгледаа сите пристигнати апликации и согласно направената стручна евалуација доделија 23 награди, односно 11 први, 6 втори и 6 трети награди, со вкупен износ од 2,4 милиони денари.

1. Во категоријата Композиции во чест на Факултетот за музичка уметност, стручната комисија додели една награда: I награда за композицијата на авторот Живоин Глишиќ.

2. Во категоријата Музичко-сценска композиција за Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, стручната комисија додели една награда: I награда за делото на композиторот Тодор Трајчевски.

3. Во категоријата Композиција за вокален солист(и) и симфониски оркестар во духот на македонскиот православен празник Божик, стручната комисија додели две први награди, и тоа за композициите на авторите Стојан Стојков и Тодор Трајчевски.

4. Во категоријата Композиција за Биг бенд, стручната комисија додели две награди: I награда за делото на композиторот Владимир Николов и II награда за делото на композиторот Тони Китановски.

5. Во категоријата Композиција за фиксен медиум беа доделени три награди: I награда за делото на композиторот Дарија Андовска, II награда за делото на композиторот Кокан Димушевски и III награда за делото на композиторот Андреј Блажевски.

6. За категоријата Композиција за квинтет се доделија три награди: I награда за делото на композиторот Ана Пандевска во вредност, II награда за композција на Фатос Љумани и III награда за композиторот Маја Јовановска.

7. Во категоријата Композиција за трио, стручната комсија додели четири награди: први награди за делата на композиторите Ана Пандевска и Кокан Димушевски, II награда за делото на композиторот Ангел Спировски и III награда за дело на композиторот Гоце Гавриловски.

8. Во категоријата Циклус соло-песни, стручната комисија додели три награди: I награда за дело на композиторот Дамјан Темков, II награда за дело на композиторот Филип Иванов и III награда за дело на композиторот Маријана Јаневска.

9. Во категоријата Композиција за мелодиски инструмент, стручната комисија додели четири награди, и тоа: I награда за дело на композиторот Маријана Јаневска, II награда за дело на композиторот Љубомир Бранџолица и две трети награди за делата на композиторите Никола Коларовски и Дамјан Темков.

Досега на четирите конкурсни рокови кои се спроведоа во 2014 и во 2015 година е поддржано создавањето на вкупно 91 композиција од 39 македонски автори кои се наградени со износ од 10,4 милиони денари, што потврдува дека овој конкурс е можеби еден од најефективните што ги спроведува Министерството за култура во насока на соодветно вреднување и стимулација на творештвото на македонските автори. Министерството за култура и во иднина останува доследно на заложбите да води максимална грижа за македонските музички автори, стимулативно да го поттикнува творештвото, да го помага градењето на уметничката кариера на македонските уметници и презентирањето на нивното творештво во домашни и меѓународни рамки.