Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов го додели признанието „Орден за заслуги за Македонија” на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје. Факултетот за музичка уметност – Скопје се одликува со „Орден за заслуги за Македонија” по повод 50 години од основањето, а особено за постигнатите резултати во својата образовна, уметничка и научна дејност, со што даде исклучителен придонес во збогатувањето и промовирањето на македонската музичка култура и афирмација на Република Македонија во светот.
„Некои сметаат дека музичкото образование е привилегија, но јас верувам дека тоа е есенцијално за да се биде човек”, рече американската пејачка, актерка и поетеса Џул Килчер. Нашето музичко образование започнува неформално, во нашиот дом, меѓу нашите најблиски преку мелодиите со кои растеме додека се формираме како личности. Преку училишните установи продолжува во формално образование. Оние најпосветените и најталентираните завршуваат на факултетите за музичка уметност. Токму денес имаме несекојдневна можност да му доделиме Орден за заслуги за Македонија на првиот и најстариот Факултет за музичка уметност од Скопје и тоа на неговиот 50-годишен јубилеј. Орденот го доделуваме во знак на благодарност за сето постигнато во облагородувањето на нашата реалност и во поттикнувањето на нашата човечност. Во изминатите пет децении, од оваа значајна институција излегоа врвни музички имиња кои ја претставуваат Република Македонија на најпознатите светски музички сцени.
Како неизоставен дел од нашите животи, музиката има улога да нè облагородува, расположува, зближува. За жал, сведоци сме дека во последните години популарната музика сè почесто е исполнета со тежок звук, шунд и евтини рефрени.
Како никогаш досега музичкото образование е важно за градењето на едно здраво и хумано општество. Тоа образование не зависи само од образовните институции, туку и од медиумите, од концертите и фестивалите кои ги организираме, зависи од она што го пуштаме во нашиот дом, на нашите веселби и прослави.
Затоа, како институции и поединци треба особено да внимаваме со што ги образоваме нашите најмлади, што им нудиме на нашите граѓани. Мора да ја негуваме, да ја афирмираме и да ја почитуваме нашата музика. Богатството на нашиот музички фолклор и квалитетната музичка продукција не смеат да бидат само дел од архив и од историја, туку жива култура постојано присутна во нашето секојдневие.
Нашиот народ вели „кој пее, зло не мисли”. Познати сме по нашите песни и игри. Песната и музиката отсекогаш биле дел од битисувањето на народот на Македонија, и во добро и во лошо, во среќа и во тага, во делник и во празник. Во годинава кога имавме навистина многу јубилеи, вклучително и четврт век независност, но и кога имавме политичка криза, ајде конечно да ги оставиме тажните песни зад нас.
Да почнеме да се радуваме и да живееме исполнети со надеж, верба и љубов. Нека постојано нè следи убавата музика и нека ни ги врати ведрината и оптимизмот.
Во таа смисла, на самиот крај, уверен сум дека овој орден ќе биде поттик за натамошно успешно развивање на музичкото образование и за афирмација на македонското музичко творештво и на македонските музичари.“– рече во своеото обраќање претседателот Иванов.