Претседателот Иванов ги посети безбедносните сили на македонско-грчката граница

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија и другите безбедносни служби задолжени за обезбедување на државната граница, во објектот на Здружениот штаб во Гевгелија.

Откако беше запознат од бригадниот генерал на Здружената оперативна команда Зоран Милески за моменталната ситуација на македонско-грчката граница и дејствата што секојдневно ги преземаат војниците за спречување илегални премини од страна на мигрантите, претседателот Иванов ја посети Кота 59 на самата македонско-грчка граница.

Македонскиот претседател направи увид во подготвеноста и капацитетите на АРМ и другите безбедносни служби во справувањето со предизвиците од мигрантската и бегалската криза и разговараше со војниците кои патролираат долж границата за тоа што тие преземаат за да се спречи евентуалното влегување на илегалните мигранти од грчка територија.

Бригадниот генерал Зоран Милески изјави дека дека претседателот Иванов имал можност да се увери во подготвеноста на војниците, да се запознае со ангажирањето на единиците, подготовката и извршувањето на нивната задача во патролирањето долж границата со Република Грција.

Милески истакна дека веќе се направени и оперативни планови, каде што при евентуален нов бран на бегалци веќе е направена проценка на тоа колку луѓе би биле потребни, така што бројот на потребни сили ќе се прави врз основа на бројот на евентуални нови бегалци и правците на нивното движење. Милески е уверен дека Армијата на Македонија успешно ќе се справи со идните можни закани од евентуален нов бегалски бран.

Поради постојаната закана од илегална миграција која доаѓа од територија на НАТО и од земји членки на ЕУ, во Македонија од август 2015 година до јуни 2017 година е прогласена кризна состојба, активиран е кризниот менаџмент со функционален здружен воено-цивилен штаб за заштита на границите и обезбедување на коридорите.