Продолжија чествувањата за празникот Св.Климент Охридски

Со богослужба со која чиноначалствуваше владиката Тимотеј во Свети Климентовата Црква на Плаошник, денес продолжија свеченостите по повод 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски. На богослужбата присустуваше и делегација на Општина Охрид, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески. Градоначалникот Бакрачески го посети и ОУ “Свети Климент Охридски“ и направи увид на поставената нова подлога на спортското игралиштето.

Во рамките на денешните свечености, во организација на Лајонс Клубот “Лихнидос“, во комплексот на црквата Света Борогодица Перивлепта, беа откриени две спомен плочи посветени на 130 годишнината од засадувањето на стариот Кочеџик и спомен плоча на големиот научник Михајло Пупин, донатор на камбанаријата од црквата. Во исто време, во тремот на црквата, Фото Клубот “Охрид“ организира изложба на фотографии со мотиви од Охрид, од дваесетите години на минатиот век.

Свеченостите завршија со полагање на свежо цвеќе пред споменикот на светителот на градскиот плоштад со културно уметничка програма на најмладите членови на КУД “Ѓердан“ од Охрид.