Бошкоски: Ние мораме да гарантираме денешнина на граѓаните на Р.Македонија

Носителот на листата во Изборната единица 5, Љубе Бошкоски од Коалицијата ВМРО за Македонија денес беше помеѓу охриѓани. Во изјава за медиумите тој истакна:

„Два дена пред молкот, два дена пред денот кога граѓаните на Р.Македонија треба да изберат нов состав на македонскиот парламент, во кој со сигурност ќе биде и коалицијата ВМРО за Македонија. Денес, на овој светол ден кога градот Охрид и Македонија го слави Св.Климент Охридски, ден кога треба да зборуваме за љубов, за помирување, за единство, за оние христијански високи вредности кои во нашата држава се заборавени, затоа што гледаме на македонската политичка сцена две политички сили, две политички партии како се борат за опстојување, но таа битка не е само за опстојување на политичките партии, таа битка е за опстојување на Македонија. Мислам дека времето на владеењето на оваа власт една цела деценија е доволен период за да се видат резултатите од владеењето. Но, ако погледнеме што се е направено во овие 10 години, тогаш ќе се согласам со последните изјави на еден политичар кој вели: „Главата горе!“. Навистина е време Македонија да ја крене главата горе и да сфати дека 10 години живеевме во една недемократска држава, во држава каде што не владееше правото, во држава каде што се газеа човековите вредности. Треба да покажеме и докажеме ние кои ќе одлучиме за идната Влада на Р.Македонија треба сепак да престане таа спирала на злото и мотивот за доаѓањето на власт да не биде реваншизмот, напротив да биде помирувањето. Тоа, никако не значи дека треба да се заборави минатото, затоа што историјата не учи дека мораме да се враќаме, да не го забораваме минатото, заборавот може да ни донесе нови последици, доколку останеме во заборавот.“– изјави Бошкоски и додаде:

izjavaljubeboskoski02

„Во овој наш град, бидејќи секој град во Македонија е и мој град, така посебно го доживувам Охрид, дека од времето 1998-2002 се гледаат резултатите од нашето владеење, во инфраструктурата, во грандиозните дела кои се големо културно наследство почнувајќи од Плаошник. Денес гледаме дека патот до Пештани сеуште се гради, а поминаа десетина години, гледаме дека во делот од инфраструктурата во градот ништо не се инвестира, гледаме само Програми од 300, 400, 500, 600 страни, препишани исти дела кои не се направени, а понудени како дела кои треба да се реализираат. Во нашата држава треба да престане да се употребува изразот „треба“, но да почнеме да работиме за доброто на Македонија. Гледаме дека базенот кој треба да биде покриен, сеуште не е покриен, не е ни удрен камен-темелникот или е само удрен.

Како што рече тој, тие мора да гарантираат денешнина на граѓаните на Р.Македонија, гарантирајќи им ја иднината, затоа  како што изјави, само на тој начин може да се врати младоста во Македонија, да се вратат иселениците во нашата земја.

„Сакам да потсетам, дека не го враќам овој период на Љубчо Георгиевски на неговата влада во која јас бев министер, не сакам тоа да биде враќање само за враќање, туку потсетување дека ако еднаш тие луѓе направија големи дела за Македонија, сега како зрели политичари после толку години страдања и поминати низ периоди за кои сте сведоци сите вие, дека денес можеме, ако тогаш ја браневме Македонија и ја градевме, денес со нашето целосно политичко искуство, со нашиот бекграунд, можеме навистина да им понудиме решение на Р.Македонија. Затоа веруваме и на секој чекор гледаме дека веруваат во нас како што ние веруваме во Македонија и ќе ја донесеме победата како коалиција ВМРО за Македонија.“– рече Бошкоски.

WebOhrid