МВР: Злоупотреби на лекарски уверенија во врска со изборите

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека постапува по пријава за незаконско издавање на лекарски уверенија на граѓани со цел тие наместо во недела на 11 декември, да гласаат во сабота на 10 ноември како болни и немоќни лица во домашни услови.

Нa 02.12.2016 година до Министерство за внатрешни работи e доставена пријава во која е наведено дека постои сомнение дека од страна на доктор М. И., вработена во ЈЗУ ,,Геронтолошки завод 13 Ноември” се издадени повеќе специјалистички извештаи за пациенти со невистинита содржина за нивната здравствена состојба (неподвижен) од што произлегува сомнение за сторено кривично дело по член 381 ст.1 ,,Издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение”.

Од извршениот увид во доставената документација во прилог на пријавата е констатирано дека М.И. на ден 25.11.2016 година во временскиот период од 12:34 до 15:43 часот издала 15 специјалистички упати и 15 специјалистички-субспецијалистички извештаи, а на ден 28.11.2016 година во временскиот период од 11:11 до 11:38 издала 14 специјалистички упати и 14 специјалистички-субспецијалистички извештаи.

Извршени се проверки од страна на МВР во Државната изборна комисија на Република Македонија, при што е констатирано дека лицата наведени во Барањето до Општинска изборна комисија на Општина Ѓорче Петров, имаат доставено Известување со кое ја известуваат Општинската изборна комисија дека од здравствени причини не се во можност да го остварат своето избирачко право на избирачкото место на кое што треба да гласаат на престојните парламентарни избори во Република Македонија кои што ќе се одржат на 11.12.2016 година и воедно барат Општинската изборна комисија да им овозможи да гласаат во домашни услови. Во прилог на известувањето е доставена и медицинска документација, односно извештај на специјалистот-субспецијалистот од ЈЗУ” Геронтолошки завод 13 Ноември- Скопје”, заверен со факсимил и потпишан од страна на М. И..

МВР изврши службени разговори со директорот на ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември”, со докторката М.И., како и со членовите на комисијата која ги посетувала подносителите на барањата во нивните домови и констатирала дека истите се “болни и неподвижни”, Ј.Ј, Л.Ј. и П.М., сите вработени во оваа институција како медицински лица.

По преземањето на повеќе оперативно-истражни мерки констатирано е дека дел од лицата на кои од ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември – Скопје” им се издадени специјалистички извештаи со дијагноза ,,не се движи, односно тешко се движи” и истите од нивна страна се употребени во Државната изборна комисија, всушност се во добра здравствена состојба, а некои од нив редовно одат на работа.

Во текот на денешниот ден едно од овие лица, вработено во гимназијата Никола Карев во Скопје, е затекнато на работното место од страна на полициските службеници и е повикано на службен разговор во полициска станица. Во тек е проверка на останатите лица за кои се издадени вакви специјалистички извештаи.

По завршување на истрагата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци против сите инволвирани лица.

МВР постапува и по други пријави со слична и идентична содржина кои се однесуваат на други општини во Република Македонија и по завршувањето на истрагите јавноста ќе биде соодветно информирана.