Денеска се гласа во дијаспората, а кај нас гласаат болните и затворениците

Од синоќа на полноќ настапи предизборниот молк, а денеска гласањето за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат утре (11 декември) се спроведува во дијаспората, а во државата гласаат пријавените болни, изнемоштени и лицата во притвор.

Гласањето се спроведува за 2.015 затвореници и лица во притвор, а ќе гласаат и 13 внатрешно раселени лица. Болните и немоќните ќе гласаат дома или на адреса каде што се пријавени.

Избирачките места во дијаспората се отворени во 7, а ќе се затворат во 19 часот по локално време.

Пријавени за гласање во странство се 20.573 граѓани, додека на посебниот Избирачки список се запишани 230.122 лица кои се смета дека се на привремена работа во странство.

Македонските државјани во странство ќе гласаат во 41 дипломатски-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии. Најмногу пријавени за гласање има во Берна 4.256, во Венеција, 2724, во Детроит 1.170, Њујорк 1.168, Мелбурн 1.112.

На изборите учествуваат шест политички партии и пет коалиции со 58 листи на кандидати.

Извор: meta.mk