Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
„Почитувани граѓани на Република Македонија,
Годинава што одминува сакаме што побргу да ја заборавиме.
Во неа се соочивме со многу кризи и предизвици.
Редно е да извлечеме поуки од сето тоа и да излеземе посилни, помудри и поодговорни. Да не дозволиме се што беше негативно да ни се повтори.
Новата 2017-та година кај секој од нас буди нови очекувања, нови надежи, нови желби.
Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности, на потребата да бидеме солидарни, хумани, праведни…
Овие денови кога празнуваме и се радуваме се можност да се навратиме на она што секој еден од нас го направил за своето семејство, за своите пријатели, за своите соседи, за своето општество, за својата држава.
Драги сограѓани,
Во Новата година ви посакувам, пред сè, многу здравје, многу радост, многу љубов и добрина.
Вашите желби нека станат реалност, а реалноста нека биде поубава и поблагопријатна за сите нас.
Да постигнуваме успеси на кои сите ќе се радуваме.
Да си простуваме и да се почитуваме.
Да си помагаме и да се поддржуваме.
Во се што правиме, свесно да го поттикнуваме најдоброто во нас и најдоброто кај другите.
Бидејќи само така ќе ја градиме Македонија како хумано, солидарно и праведно општество.
Нека претстојните празници ни донесат нова сила, нова радост, позитивни мисли и обновена надеж за исполнет живот во мир, просперитет и благосостојба.
Среќна Нова 2017-та година!“- стои во честитката.