Сениорската машка репрезентација на Македонија ја оствари и втората победа во вториот натпревар на Светското Првенство, откако во Мец ја совлада селекцијата на Ангола со 31-22.
И покрај тоа што резултатот беше генерално изедначен во првите минути од натпреварот, нашите ракометари постојано ја контролираа играта, што до крајот на првото полувреме резултираше со предност од 14-9. Ангола на самиот старт на второто полувреме успеа да намали на 15-13, но веднаш потоа Македонија стигна до нова серија со која се искачи и на двоцифрена предност која ја одржуваше до крајот од средбата. Во рутинската завршница нашата репрезентација само ја потврди сигурната победа од 31-22.
Кирил Лазаров со 10 постигнати голови повторно беше прв стрелец во нашиот состав, а пет голови додаде Гоце Георгиевски, кој по натпреварот го доби и МВП признанието. Филип Лазаров беше стрелец на три гола, по два додадоа Манасков, Стоилов и Никола Марковски, а два гола постигна и нашиот голман Благојче Трајковски. Во листата на стрелци со по еден гол се запишаа и Митков, Талески, Миркуловски, Ојлески и Поповски.
Со оваа втора победа, Македонија останува на делба на првата позиција на табелата со Шпанија и Словенија со досега максимален учинок.
Следниот натпревар Македонија ќе го игра против Словенија во понеделник (16 јануари) со почеток во 17:45 часот.
WebOhrid