Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска 14 јануари 2017 година, до 16 јануари 2017 година ќе престојува во работна посета на Арапската Република Египет, каде што ќе учествува на Форум на високо ниво во организација на Александриската Библиотека и на Меѓународниот центар „Низами Ганџави”, што се одржува во Каиро.
Претседателот Иванов ќе се обрати на воведната сесија на форумот насловена „Демократска безбедност во време на екстремизам и насилство”.
На форумот учествуваат истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, поранешни претседатели на држави, премиери и министри. Меѓу останатите теми на форумот се: „Тероризмот и уставот – рамка за акција”, „Тековни перспективи: мнозински муслимански држави”, „Тековни перспективи: западни држави”, „Меѓу-религиски дијалог – случај Египет” и др. Учеството на македонскиот претседател на овие состаноци е резултат на одличната соработка со Александриската Библиотека и со Меѓународниот центар „Низами Ганџави”. Претходно, претседателот Иванов има учествувано на состаноците во Баку, Софија и во Рим.
За време на работната посета на Арапската Република Египет, предвидено е претседателот Иванов да оствaри средба со египетскиот претседател г. Абдел Фатах Ал Сиси.