119 години од смртта на охриѓанецот Коста Абраш

Денеска се навршуваат 119 години од смртта на истакнатиот поет, охриѓанецот Коста Абраш-Абрашевиќ. Роден е на 29 мај 1879 година во Охрид, каде и се школувал. Подоцна, со своето семејство заминал и се преселил во Шабац.

Автор е на само една постхумно објавена книга социјална лирика („Песни“, 1903). Се вбројува во групата на дводомни писатели, бидејќи пишувал на српски јазик.

Абрашевиќ книжевната историја го евидентира како еден од предвесниците на литературниот правец што вообичаено се именува како социјална литература.

Абрашевиќ е роден во трговско семејство во Охрид. Своето школување го започнува во Охрид, а по преселувањето на неговото семејство во Шабац, го продолжува образованието таму. Мошне млад почнува да пишува песни, љубовни и патриотски. Во 1894 година се запознава со социјалистичките идеи на кои им останува приврзан до крајот на својот краток живот. Починува многу млад, на 19 години, од туберкулоза.

Како спомен на него, неговите другари социјалисти во 1905 година во Белград формираат прво работничко културно-просветно друштво „Абрашевиќ“.

Починал во Шабац, на 20 јануари 1898.