Македонските атлетичари ќе учествуваат на Европско во Србија

Нашите двајца најдобри натпреварувачи во атлетика ќе земат учество на престојниот европски шампионат во сала, кој од 03-05 Март ќе се одржи во Белград, Србија, а на кој ќе учествуваат 600 натпреварувачи од 51 држава членки на ЕАА.

Атлетската федерација на Македонија ќе земе учество со своите 2 најдобри атлетичари по постигнати резултати за 2017 година и тоа Сашо Голубиќ- 1995 година, кој треба да настапи на 60 метри и Мартина Мироска-1998 година, која треба да настапи во скок во далечина. По тој повод се одржа прес конференција во Агенцијата за млади и спорт, на кој покрај претседателот на Атлетска федерација на Македонија Крсте Серафимовски зборуваше и директорот Марјан Спасески.

„Атлетиката во нашата земја е во континуиран развој, а Владата преку ресорните институции силно вложува и во делот на подобрување на спортската инфраструктура и овозможување услови за развојот на овој спорт. Покрај спортските сали, кои се градат на целата територија на државата, се изгради и најсовремена атлетска патека по сите светски стандарди на Националната арена „Филип Втори Македонски“, на која во 2104 год. се одржа и Европскиот куп во трчање на 10 км.

Агенцијата за млади и спорт има одлична соработка и со Атлетската федерација на Македонија на која се поддржуваат најголемиот дел од спортските активности.

Во таа насока, само со првата распределба на средства, Агенцијата за млади и спорт ја финансираше Атлетската федерација на Македонија со вкупно 1.660.000 денари за подготовки и учество на следните меѓународни активности:

– Светско Првенство за сениори во Лондон;

– Европско Првенство за сениори во сала, Белград;

– Светско Првенство за млади во Најроби, Кенија;

– Евроспко Првенство во планинско трчање во Камник, Словенија;

– Светско Првенство во планинско трчање во Прамена, Италија.

Финансиска поддршка има и за Организација на системот на натпревари, за организација на меморијалниот атлетски митинг „Лазо Милошески“, за Скопскиот маратон, како и за спроведување на соодветни допинг-контроли. На нашите репрезентативци им посакувам успешен настап и се надевам дека во одлично светло ќе не претстават на ова Европско првенство“, – изјави Спасески.