Православните верници денеска го слават празникот Тодорова Сабота – Празник на приврзаноста кон велигденскиот пост. На овој празник, Тодорова сабота, попознат меѓу народот како Тодорица е подвижен (непостојан) празник, кој го менува датумот според Велигден, се паѓа секогаш првата сабота по Прочка, значи на крајот на првата недела од големите Велигденски пости.
На овој ден Тодорова сабота, се слави Светиот великомаченик Теодор, кој бил роден во Мала Азија. Тој многу млад пострадал маченички за верата Христова, затоа црквата одредила неговиот ден да се празнува во првата недела на Великиот пост, односно првата сабота од Светата Четириесетница, а Православната Црква му ја посветува на споменот на чудесното јавување на Христовиот воин Теодор Тирон за избавување на христијаните од неумолливата скверност на царот Јулијан Отстапник. А тоа станало вака:
Свети Теодор Тирон во времето на гонењата на царот Максимијан маченички пострада за верата Христова во 306 година. Педесет години по неговото преставување кај Бога царот Јулијан Отстапник намисли на подмолен и таен начин да ги измами христијаните, коишто ги презираше, со тоа што за време на Светата Четириесетница, кога христијаните најмногу се очистуваат од гревовите и се трудат да Му угодат на Бога, заповеда на пазарите храната што ќе се продава да биде претходно попрскана со крв принесувана на жртвениците на нечистите идоли. Со ова христијаните купувајќи и јадејќи од храната на пазарите би се оскверниле. Но царот Отстапник не успеа во својата намера, бидејќи Бог му заповеда на храбриот воин Теодор Тирон не на сон, туку на јаве да му се јави на Константинополскиот архиереј Евдоксиј, предупредувајќи го за намислата на царот-Отстапник.
Свети Теодор Тирон му предложи на блажениот Евдоксиј наместо да купуваат храна од пазарот, верните да употребат за јадење коливо, односно варена пченица. Со ова ја осуетија намерата на нечестивиот цар, а тој, пак, кога виде дека е откриена неговата измама, нареди повторно да се изнесе чиста храна на пазарите. Празнувајќи го споменот на ова чудо во првата сабота на Светата Четириесетница, светата Православна Црква ги поучува христијаните дека постот Му е благоугоден на Бога и оние што постат се наоѓаат под особена Божја заштита, затоа христијаните верници на тој ден ја примаат Светата Причест и се причестуваат со телото и крвта на нашиот Господ Исус Христос.
WebOhrid