Општина: Работиме исклучително во рамките на Законските одредби

Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид реакција испрати Општина Охрид, во која се вели:

„Како и многу пати досега така и во овој момент потенцираме дека Општина Охрид како одговорна, транспарента и отчетна локална самоуправа работи исклучиво во рамките на Законските одредби и тоа во секој нејзин сегмент.

ОО на СДСМ Охрид не пропушта да го исполитизира секој момент, а епитетот “неодговорни политичари” веројатно им е само грижа на совест од времето во кое го опустошија и осиромашија сопствениот град. Граѓаните на Охрид нема да им го заборават тоа.

Согласно терминологијата на фактите, релевантните податоци и пред се Законската норматива следат следниве податоци:

До општина Охрид доставено беше Барање од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на Р.М бр 09упп-3 од 23.02.2017, во кое се бара преиспитување на постапката за донесување на Општиот акт за село Лагадин со бр. 144/2014 од октомври 2015 како и издавањето на одобрение бр. Уп.1 бр.20-3852 од 05.12.2016 година, за изградба на Хотелски комплекс, објект од Втора категорија со катност По+Пр+3+Пк во населба Лагадин на кп бр. 2696/1 КО Елшани-општина Охрид.

Општина Охрид согласно надлежностите и законската регулатива достави до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на Р.М. одговор на гореспоменатото барање. Имено постапката за донесување на Општиот акт за село Лагадин е водена согласно Прирачникот за начинот на водење на постапка за донесување и изготвување на Општ акт за село за кое нема урбанистички план и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

За Општиот акт за село Лагадин добиена е согласност од Министерство за транспорт и врски на Р.М бр. 24-14400/2 од 09.10.2015 година со која согласност Министерството потврдува дека постапката за донесување на Општиот акт е во целост испочитувана и е во согласност со Законот и подзаконските акти кои ја покриваат предметната материја.

Исто-така напоменуваме дека при донесувањето на општиот акт побарани се и добиени позитивни мислења од: Министерство за животна средина и просторно планирање, Ј.У. Национален парк Галичица како и од Ј.П. за државни патишта.

Што се однесува на забелешката од Државен инспекторат за животна средина, потенцираме дека, согласно член 28 став (1) и став (2) од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Сл.весник на РМ 199/14, 44/15) и согласно Прирачникот за водење на постапката за донесување и изготвување на Општ акт за село кое нема урбанистички план бр. 24-2298/1 од 10.02.2015 год. -(Закон и прирачник кои во периодот кога се изработувал општиот акт се во примена), во постапката за донесување на Општ акт донесувачот на Оштиот акт нема законска обврска да донесе Одлука за спроведување или неспроведување на Стратегиска оцена за влијанието на врз животната средина и врз здравјето на луѓето.

Во постапката за добивање на предметното одобрение за градба испочитувани се одредбите пропишани во делот- општи услови за градба, развој и користење на земјиштето во рамките на наменските зони, кои преставуваат составен дел на донесениот Општ акт за село Лагадин. Согласно истите одредби побарана и добиена е од Министерство за животна средина и просторно планирање, водостопанска согласност со која е дозволена изградба на нови или реконструкција и доградба на постојни објекти кои се сместени во близина на површинските води или крајбрежни земјишта.

Согласно гореспоменатото Општина Охрид во целост ја има испочитувано постапката за донесување на Општиот акт за село Лагадин како и постапката за издавање на предметното одобрение.

За сите понатамошни постапки кои следуваат после издавањето на предметно одобрение за градба, Општината ќе преземе дополнителни напори за проверка во рамките на своите надлежности и истовремено ја уверува јавноста дека и за ваквите чекори постапува и ќе постапува исклучиво согласно законската регулатива.“- стои во реакцијата.