„Арт-балет“ на Меѓународниот натпревар во Амстердам, Холандија

Талентираните ученици од балетското студио „Арт-балет“ Антонија Атанасова, Веда Анѓушева и Сара Димовска од Скопје, под раковoдство на нивниот педагог и кореограф Тамара Ѓурчиновска, изминатиов викенд беа единствени претставници и учесници од Македонија на големиот престижен балетски натпревар за солисти во класичен и модерен балет во Амстердам, Холандија, во театарот „Танц компани“.

На меѓународниот балетски натпревар учествуваа повеќе од осум држави и над 140 солисти во класичен и модерен балет од Шпанија, Малезија, Холандија, Германија, Белгија, Грција, Романија, Италија… Натпреварот беше исклучително важен и значаен и се состоеше од 2 дела: едукативен дел со исклучително значајни семинари за учесниците во насока да ги подобрат својот квалитет и техниките во областа на класичниот и модерниот балет, како и два натпреварувачки дена каде само најдобрите и најквалитетни учесници имаа влез во финалето и можност да освојат награди. Меѓу финалистите се најдоа и нашите исклучително талентирани деца кои остварија огромен успех и добија позитивни критики од жири-составот, а ја освоија и многубројната публика во театарот со нивните изведби.

Младите балерини Антонија Атанасова, Сара Димовска и Веда Анѓушева освоија неколку значајни награди во различни категории, со што повторно и донесоа значаен успех на нашата држава.

На ова значајно претставување, кое беше поддржано од Министерството за култура, беа присутни и заменик-министерот за култура на Република Македонија Драган Недељковиќ и македонскиот амбасадор во Холандија Игор Попов.