Се обновува состојбата на едно од најстарите езера во светот

Се враќаат автохтоните видови поради подобрувањето на квалитетот на водите благодарение на финансиската поддршка на Швајцарија 

Еколошката состојба Преспанското Езеро – особено стар екосистем и жариште на биолошка разновидност на Балканскиот полуостров – се обновува како резултат на петнаесет годишните напори за контрола на загадувањето, намалување на користењето на пестицидите и соодветен третман на отпадните води, објави Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

„Преспанското Езеро е успешна приказна во обновувањето на комплексните водни екосистеми. Вредните искуства стекнати тука може да се пресликаат и во други загрозени слатководни екосистеми во Европа и во светот“, изјави Хелен Кларк, Администратор на УНДП.

Уште од 2002 година, УНДП работи во партнерство со Швајцарската агенција за развој и соработка, Глобалниот фонд за животна средина и националните и локалните партнери во обновувањето на еколошкиот статус на овој ранлив екосистем.

Интензивните обуки за одржливи методи на контрола на штетниците во земјоделството, исхраната и наводнувањето на културите, во комбинација со демонстративните насади и програмата на мали грантови за поддршка на усвојувањето на модерни техники на производство, придонесоа кон значителна позитивна трансформација на земјоделските практики.

Повеќе од 80 проценти од земјоделските производители на Преспа ги применуваат новите агро-еколошки мерки. Употребата на вода за наводнување е намалена за скоро 60%, а количината на користени пестициди за 30%.

Новоизградените системи за управување со отпадните води го спречуваат нивниот внес во водните тела, а илјадниците тони на органски отпад што некогаш завршуваше во езерото, сета се трансформира во висококвалитетен компост. Подобрен е квалитетот на водите и се обновуваат автохтоните популации на риби

Преку 2,000 видови на птици, риби и цицачи, од кои голем дел можат да се најдат само во Преспа, зависат од ова прекрасно, но ранливо живеалиште. Езерото издржало векови на природни притисоци, но во последните неколку децении системот доживеа драматично влошување на квалитетот на водите и намалување на популациите на автохтоните видови.

Неодржливите земјоделски практики беа посочувани како главната причина за загадувањето. Преку 70 проценти од населението на Преспа живее од земјоделство, главно производство на јаболка. И додека нивната живеачка зависи од еколошката состојба на езерото, многу земјоделци, без знаење, предизвикаа огромни штети врз екосистемот, преку неконтролираната примена на пестициди и вештачки ѓубрива и неефикасното користење на вода за наводнување и несоодветното управување со отпадот, кој завршуваше во езерото.

Во комбинација со ефектите од ерозивните процеси и непостоењето на одржливи решенија за отпадот и отпадните води, овие состојби доведоа до загрозување на езерото, заканувајќи се по опстанокот на рибите и другите видови, вклучително и Далматинскиот пеликан.

Одговорот на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка беше да се најдат начини да се заштити биолошката разновидност, овозможувајќи им притоа на земјоделските производители да си обезбедат пристоен живот. Новите пристапи воведени од страна на програмата им помогнаа на производителите да заштедат средства, подобрувајќи го притоа квантитетот и квалитетот на приносот.

Приказната за Преспа е раскажана во прекрасниот краток филм „Езеро од јабока“ кој ги прикажува резултатите на програмата за обновување на езерскиот екосистем. Документарецот ја имаше својата премиера во Скопје на 24 март 2017 година.

Филмот има среќен крај, заклучувајќи дека природата и човекот може да живеат заедно.

„Она што е најмаркантно во врска со оваа програма е дека напредокот во заштитата на природата е постигнат без негативни ефекти врз животот на фармерите“, истакна г-ѓа Кларк. „Напротив, земјоделските семејства сега заштедуваат преку усвојување на поефикасни техники и модерни практики.“

Ентузијазмот е резултат на овој пристап на двојна победа ќе биде од клучна важност во напорите да се заштити Преспанското Езеро во иднина.